Македонските превозници денеска одржаа двочасовен предупредувачки протест пред Делегацијата на Европската Унија во Скопје, барајќи итно решение за ограничувањето на престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната.
На протестот, организиран од асоцијацијата „Макам-транс“, беа паркирани дваесетина товарни возила, а присуствуваа возачи, сопственици на транспортни компании и други вработени во секторот.
Превозниците бараат професионалните возачи да добијат посебен третман во однос на правилото 90/180, според кое државјаните на земји надвор од Европската Унија можат да престојуваат во Шенген-зоната најмногу 90 дена во кој било период од 180 дена.
Според транспортните компании, ова ограничување директно го попречува извршувањето на нивната работа, бидејќи возачите не престојуваат во Шенген како туристи, туку таму го минуваат работното време превезувајќи стока.
Правилото 90/180 не е ново, но неговото спроведување беше заострено со европскиот систем за електронско евидентирање на влезовите и излезите, кој овозможува прецизно пресметување на деновите поминати во Шенген.
Генералната секретарка на „Макам-транс“, Билјана Муратовска, изјави дека со проблемот директно се соочуваат околу 17.000 македонски професионални возачи и приближно 100.000 возачи од целиот Западен Балкан.
Од асоцијацијата предупредуваат дека различното толкување на правилата од страна на граничните службеници создава правна несигурност, долги задржувања и ризик возачите да бидат казнети или да добијат забрана за влез.
Протестот во Скопје беше координиран со превозниците од Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, каде што денеска беа организирани слични собири.
Протестите се одржаа еден ден пред состанокот во Брисел, закажан за 1 септември, од кој транспортните компании очекуваат конкретен предлог за решавање на статусот на професионалните возачи.
Од „Макам-транс“ претходно најавија дека, доколку не биде понудено решение, превозниците од регионот ќе разгледаат нови блокади на граничните премини кон Шенген-зоната, со можен почеток на 14 септември.









































