- Според досегашните медиумски најави, еднонасочниот билет би требало да чини 40 денари, а повратниот 70 денари
Од утре, 1 септември, почнува да сообраќа првата линија од проектот „Градски воз“, која ќе ги поврзува Зелениково и централната Железничка станица во Скопје.
Возот ќе застанува на станиците Зелениково Ново, Орешани, Јане Сандански, Драчево и Лисиче. Според објавениот возен ред на „МЖ Транспорт“, предвидени се по осум поаѓања дневно во двата правца.
Официјалната промоција на проектот ќе се одржи в среда, на 2 септември, соопшти Министерството за транспорт. Во рамките на настанот е предвидено патување со воз од железничката станица во Зелениково до централната Железничка станица во Скопје.
На промоцијата се очекува да присуствуваат премиерот Христијан Мицкоски, заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, директорот на ЈП „МЖ Инфраструктура“ Синиша Ивановски и директорот на „МЖ Транспорт“ Дејан Кошутиќ.
Најавено е и присуство на градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, како и на градоначалниците на Зелениково, Коста Маневски, на Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, и на Аеродром, Дејан Митевски.
За потребите на проектот, ЈП „МЖ Инфраструктура“ изврши реконструкција на пругата на оваа релација, со што се подобрени нејзината безбедност и капацитетот, а е овозможено и движење на возовите со поголема брзина.
Проектот има цел да обезбеди побрз, поефикасен и подостапен јавен превоз меѓу приградските населби и центарот на Скопје. Возниот ред треба да биде усогласен со автобускиот превоз на ЈСП, за да се овозможи полесно продолжување на патувањето.
Во тек е проектирањето и на другите две линии. Едната треба да води од централната Железничка станица преку Бутел и Скопје Север до Ѓорче Петров, а другата преку Автокоманда и Маџари до Илинден.
































