Бебе, за кое првично се проценува дека било на возраст од осум до девет месеци, било пронајдено мртво и замрзнато во сад скриен во куфер во стан во центарот на Атина. Обдукцијата покажала дека било убиено со повеќе од десет убоди со остар предмет во пределот на грбот, јави дописничката на МИА од Атина.
Телото било пронајдено доцна синоќа во стан за краткорочно изнајмување во атинската населба Кипсели.
Сопственикот на станот ја известил полицијата дека станарите не ја платиле киријата и дека постои сомнеж оти користат дрога. При полицискиот претрес, во еден од куферите бил пронајден сад во кој се наоѓало замрзнатото тело на бебето.
Во станот престојувале шест лица: Грк, Германка, 26-годишен Авганистанец и три малолетни деца – бремено 15-годишно девојче и две момчиња на возраст од девет и 12 години.
Според грчките медиуми, Германката им рекла на полицајците дека бебето било нејзино и дека починало пред неколку месеци. Авганистанецот, пак, изјавил дека е партнер на 15-годишното девојче.
Обдукцијата покажала дека бебето имало повеќе од десет убодни рани со различна длабочина на грбот и дека починало како последица на повредите. Поради состојбата во која било пронајдено телото, засега не можат прецизно да се утврдат возраста на бебето и времето на убиството.
Тројцата возрасни биле приведени за поседување и употреба на дрога, а надлежните го составуваат предметот и за другите кривични дела што произлегуваат од истрагата.
Трите деца, по наредба на јавен обвинител, биле пренесени во детска болница. Според информациите на грчките медиуми, сексуално преносливи инфекции биле откриени кај деветгодишното момче и кај 15-годишното девојче.
Претседателот на Грчката федерација на вработените во јавните болници, Михаилис Јанакос, изјави дека децата се во лоша физичка и психичка состојба и дека постојат индикации оти можеби биле сексуално злоупотребувани. Овие сомнежи сè уште се проверуваат.
Истрагата треба да утврди кому му припаѓало бебето, кога и од кого било убиено, во какво сродство биле лицата што престојувале во станот и дали малолетниците биле жртви на злоупотреба.
Уапсените и децата престојувале во станот во Кипсели нешто помалку од еден месец. Полицијата врши претрес и во друг стан во кој дел од нив живееле претходно.

































