Фото: Игор Бансколиев/Архива

Следната недела пратениците треба да ја започнат новата сесија по летните одмори. Според најавите, во вторник ќе се одржи координативна средба на претседателот на Собранието Талат Џафери со координаторите на пратеничките групи и ќе се договори динамиката на работа за неделата и периодот што доаѓа.

Меѓу првите активности во Собранието најверојатно ќе биде продолжување на работата на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањe за изборот на уставните судии за да може што поскоро да се пополнат испразнетите места во Уставниот суд, како и точки од дневен ред на заостанати седници, вклучувајќи и гласање по одредени закони за што немаше кворум пред одморите.

Пред одморите, на последната средба со новинарите, претседателот на Собранието Џафери информираше дека неделата по враќањето од редовниот одмор ќе заседаваат комисиите и ќе се одржат продолженија на одредени седници, како и дека првата нова редовна седница ќе биде закажана на 13 септември.

Џафери тогаш нагласи дека доколку има потреба, нова седница ќе биде закажана и порано. Според информациите од Собранието, доколку Владата побара прогласување кризна состојба, Џафери може веднаш или до 1 септември да свика седница и одлуката да биде донесена.

Според информациите што беа споделени на таа средба, во овој мандат завршени се 54 седници, а незавршени 29. Точките што се на дневен на незавршените седници, како што објасни тогаш, Џафери не се поминати на собраниските комисии. Незавршени седници имаат и десетина собраниски комисии.

Пратениците на одмор заминаа официјално по илинденските празници.