Фото: Маја Јаневска-Илиева

Премиерот Димитар Ковачевски, пред отворањето на 30-от министерски состанок на ОБСЕ во Скопје, истакна дека Македонија денес му помага на ОБСЕ да продолжи да биде најголемата регионална безбедносна организација во Европа, ако ОБСЕ пред 30 години ѝ помогна на земјава.

Според премиерот, Македонија претседава во најтешката година за ОБСЕ, со оглед на тоа дека организацијата се соочи со голем број предизвици во светло на неоправданата војна и агресија која што Русија ја направи врз Украина. Тој рече дека очекува успешен состанок на кој ќе бидат потврдени одлуките кои веќе биле разговарани на амбасадорско ниво.

– Се надевам дека ќе бидат потврдени одлуките за нов претседавач, избор на четирите најзначајни функции и позиции во ОБСЕ како и донесување на буџетот – изјави Ковачевски.

Во врска со прашањето како го коментира тоа што на состанокот не дојдоа повеќе министри, тој рече дека секоја земја на некој начин испраќа порака за, како што посочи „неоправданата агресија на Русија врз Украина“.

– Ние треба да бидеме свесни дека секоја земја на некој начин испраќа порака за неоправданата агресија која Русија ја изврши врз суверена држава, врз Украина. Некои тоа го прават со нивно отсуство, некои со нивно присуство и со многу јасно искажани ставови во однос на неоправданоста на оваа агресија. Истото ќе го направам и јас на првото излагање кое што ќе го имам денеска на отворањето на овој значаен настан – рече премиерот.

На новинарско прашање дали ова претставува дипломатска победа на Русија, тој одговори „не“.

– Ова апсолутно не е никаква дипломатска победа на Русија, ова е дипломатска победа на ОБСЕ со оглед на тоа дека беше доведено во прашање функционирањето на ОБСЕ. Со ова ОБСЕ ќе продолжи да функционира, ќе продолжи да биде гарант на обезбедување на развој на демократските и на мирните процеси во Европа – рече Ковачевски.

Тој информираше дека нема да има средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Посочи дека очекува успешен состанок и се заблагодари на сите вклучени во организацијата.

– Се заблагодарувам на Министерството за надворешни работи за успешното претседавање во текот на целата година и на адресирањето на најважните безбедносни прашања во регионот на Европа, меѓутоа секако и во нашиот потесен регион во насока на обезбедување на долготраен мир и стабилност – рече премиерот Димитар Ковачевски.