ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Четири екипи од Шпанија се во осминафиналето

Атлетико Мадрид, Лацио и Барселона се пласираа во осминафиналето на фудбалската Лига на шампионите по мечевите во вторникот во петтото коло и со тоа им се приклучија на Баерн, Борусија Дортмунд, Интер, Лајпциг, Манчестер сити, Реал Мадрид и на Сосиедад, кои тоа го обезбедија по четвртото коло.
Од синоќешните натпревари пласман меѓу најдобрите 16 можеа да обезбедат и Арсенал, Наполи и ПСВ Ајндховен, а комплетниот список со учесници во осминафиналето ќе биде познат по мечевите во шестото коло, во декември.
Од петте тима од Шпанија што ја почнаа сезоната во Лигата на шампионите, четири се пласираа во осминафиналето, и тоа Атлетико Мадрид, Барселона, Реал Мадрид и Сосиедад, а пред петтото коло шанси за пласман понатаму има и Севилја, која синоќа го играше својот меч од ова коло. По средбите во вторникот, Германија во осминафиналето ќе има три тима (Баерн, Борусија Дортмунд и Лајпциг), Англија засега има еден (Манчестер сити), а уште три се во игра…
Баерн и Манчестер сити по средбите завчера го обезбедија првото место во своите групи и во осминафиналето ќе играат со некоја екипа од второпласираните во групите. Ждрепката ќе биде полудиригирана, па меѓу себе нема да играат тимовите што беа првопласирани во групите и екипи од иста земја. Н.М.


СП ЗА ФУДБАЛЕРИ ДО 17 ГОДИНИ

Германија и Франција пак ќе играат меѓу себе за голем трофеј

Младинските репрезентации на Германија и на Франција одново годинава ќе играат за голем трофеј, овој пат за титулата на 19-то Светско првенство (СП) за фудбалери до 17 години во Индонезија.
Двете репрезентации во јуни се сретнаа во финалето на Европското првенство за таа возрасна категорија, во Будимпешта (Унгарија), кога победи Германија со 5-4 на пенали, откако по регуларното време резултатот беше нерешен, 0-0.
Во полуфиналето на годинашниот Мундијал репрезентацијата на Германија ја победи Аргентина на пенали со 4-2, откако по 90 минути игра беше нерешено, 3-3. Франција, пак, во полуфиналето ја победи селекцијата на Мали со 2-1. Финалето на програмата е в сабота, а утре Аргентина и Мали ќе играат за бронзениот медал.
Франција ќе игра за својата втора светска титула во категоријата за фудбалери до 17 години (првак беше на СП играно во 2001 година), а Германија за првата. Н.М.