Фотографија направена вчера во манастирскиот комплекс на Попова Шапка, откако на јарболот беше вратено црковното знамеa

Инстантна и успешна акција на МВР

Полициски службеници на СВР-Тетово, завчеравечер (28 ноември), околу 23.30 часот, по преземени оперативни мерки, за само два часа го идентификувале и го лишиле од слобода 33-годишниот Ј.А. од тетовска Мала Речица.
Како што информираат од МВР, тој се сомничи дека од јарболот на манастирот „Свети Наум-Чудотворец“ на Попова Шапка, завчера, додека немало никој во верскиот објект, го симнал црковното знаме на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и на негово место го поставил знамето на Република Албанија.
Од МВР наведуваат дека се расчистува случајот и против Ј.А., кој при симнувањето на црковното знаме бил со уште едно лице и ќе следува соодветна пријава.
Иако МВР официјално сѐ уште не излезе во јавноста за тоа „по кој закон и по кој член на соодветниот закон или закони ќе бидат гонети сторителите“, во консултација со адвокати, ни беа издвоени неколку елементи за сторено кривично дело. Имено, според нашите соговорници, постојат елементи на кривично дело од чл. 319 на Кривичниот законик, односно предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска или друга основа. Исто така, постојат елементи и за кривично дело од чл. 145 на Кривичниот законик, неповредливост на домот.
Според соговорниците, сторителите мора да бидат принципиелно санкционирани, бидејќи спроведувањето на правдата по словото на законот е најдобрата превенција да се спречат понатаму кривични дела во кои предмет на сторување се државните симболи, односно знамето, нивно сквернавење, што во последно време силно зачести. Според соговорниците, вакво поведение на сѐ повеќе сторители е недозволиво и ги подрива сите напори за градење здрави општествени односи во нашето фрагилно плурално општество, а создавањето практика на неказнивост, како досега за ваквите дела, прави состојбата на делумна функционалност на институциите од правосудството да стане состојба на целосна нефункционалност. Ц.Х.