Терајќи исклучиво пиар-кампања, министерот Османи во два наврата ги прекрши своите овластувања и излезе надвор од законските рамки. Имено, најпрво се појави во улога на „фотограф“ во едно од дипломатско-конзуларните претставништва, при што дојде во контакт со лични податоци на граѓаните што аплицираа, што во никој случај не смее да се случи имајќи ги предвид одредбите од Законот за заштита на личните податоци. Потоа диктираше и во колку смени треба да работат вработените во ДКП-та за да можат да издаваат што повеќе документи, повторно доаѓајќи во колизија со Законот за надворешни работи и со Колективниот договор

МАКЕДОНСКИОТ ДИПЛОМАТСКИ СИНДИКАТ СО РЕАКЦИЈА НА ПИАР-АКТИВНОСТИТЕ НА ШЕФОТ НА ДИПЛОМАТИЈАТА НИЗ ДКП-ТА

Откако стана јасно дека по 12 февруари стотици илјади македонски граѓани во земјава, но и во странство, прекуноќ останаа без валидни патни исправи и други лични документи, политичарите од власта одеднаш се растрчаа да наоѓаат разни решенија како да се ублажи состојбата предизвикана исклучиво по нивна вина.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој со години упорно повторуваше дека Македонија мора да ги почитува сите одредби од Преспанскиот договор, очигледно ја заборави најважната, да ги потсети надлежните институции дека документацијата на граѓаните мора навреме да се замени за да не се случи илјадници македонски граѓани да останат заробени во странство и да не можат да се вратат дома. Наместо тоа, тој цело време беше растрчан наоколу да ги убеди сите за неопходноста од уставни измени.
Сега одеднаш, откако сфати дека македонските граѓани не можат да се вратат во земјата бидејќи немаат валидни патни исправи, се растрча по македонските дипломатско-конзуларни претставништва (ДКП) низ Европа, во насока да ја реорганизира нивната работа и да ја забрза процедурата за вадење нови патни исправи за нашинците во странство, иако е свесен дека нема доволно обрасци и дека работата не може брзо да се заврши.
Терајќи исклучиво пиар-кампања, министерот Османи во два наврата ги прекрши своите овластувања и излезе надвор од законските рамки. Имено, најпрво се појави во улога на „фотограф“ во едно од ДКП-та, при што дојде во контакт со лични податоци на граѓаните што аплицираа, што во никој случај не смее да се случи имајќи ги предвид одредбите од Законот за заштита на личните податоци. Потоа диктираше и во колку смени треба да работат вработените во ДКП-та за да можат да издаваат што повеќе документи, повторно доаѓајќи во колизија со Законот за надворешни работи и со Колективниот договор.
На ваквите нелегални активности на шефот на македонската дипломатија преку соопштение реагираше и Македонскиот дипломатски синдикат.

– Вашата вонредна контрола на амбасадите и конзулатите и документирањето на овој процес, со цел да се потенцира вашата „загриженост“ за ефикасноста на работата на ДКП-та, е целосно неприфатлива и противзаконска. Вашата министерска позиција не ви дава право на увид во уште неиздадени лични документи и е во целосна спротивност на Законот за заштита на личните податоци – реагира Македонскиот дипломатски синдикат во обраќање до министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Од синдикатот уште додаваат дека на министерот му станало редовна практика да му биде укажувано на флагрантното прекршување на Законот за надворешни работи од негова страна.
– Министре, веќе стана редовна практика да ви укажуваме на флагрантното кршење на Законот за надворешни работи од ваша страна, како што беше упатувањето на генералниот конзул во Њујорк, за што уште чекаме на одговор врз кој принцип го номиниравте за престижната позиција, но сега влегувате во нова фаза на своеволно документирано кршење закони и колективен договор. Сакаме да ви потенцираме дека вашата вонредна контрола на амбасадите и конзулатите и документирањето на овој процес, со цел да се потенцира вашата „загриженост“ за ефикасноста на работата на ДКП-та, е целосно неприфатлива и противзаконска. Вашата министерска позиција не ви дава право на увид во уште неиздадени лични документи и е во целосна спротивност на Законот за заштита на личните податоци, уште повеќе што истото тоа е објавено јавно на вашиот фејсбук-профил. Дополнително, сакаме да ви укажеме дека давање инструкции за работа во смени, како и работа во викенд, е во целосна спротивност со Законот за надворешни работи, како и Колективниот договор за јавната администрација – се наведува во реакцијата на Македонскиот дипломатски синдикат.
Синдикатот уште упати апел до министерот да не притиска на толкава динамика во работата на ДКП-та бидејќи граѓаните се доведуваат во заблуда дека скоро ќе добијат документи, иако нема обезбедено обрасци.

– На крајот сите се залагаме за македонските државјани да добијат документи што поскоро, но од сите информации во јавноста јасно е дека во државата нема обрасци за издавање на истите тие. Со оглед на ова, колку и да се форсираат колегите да работат во смени, викенди, па дури и 24 часа, истото тоа е целосно залудно и ќе биде само во насока на разгорување на проблемот со доведување на странките во заблуда и креирање дополнителна нервоза и притисок врз вработените во амбасадите и конзулатите. Ве повикуваме да се прекине со оваа практика на самопромоција и перманентно кршење на законите што ја дефинираат и штитат дипломатската служба – посочуваат од Македонскиот дипломатски синдикат.
Поранешни дипломати сметаат дека министерот за надворешни работи тера исклучиво пиар-кампања и ништо повеќе.
– Наместо министерот да се растрча многу порано како да најде начин пасошите да продолжат да важат и по 12 февруари, тој сега продава ветер и магла манипулирајќи ги дополнително граѓаните надвор од земјава дека ќе добијат скоро документи. Уште и не го разрешува амбасадорот во Италија, кој самиот барал од италијанските власти да не се признаваат македонските пасоши. И пет смени да работат конзулатите сега, нема ништо да се постигне оти нема обрасци. Само ќе расте нервозата кај граѓаните. Битно тој тераше кампања и врз оваа мака на граѓаните. Како и да е, Османи ќе остане запаметен како министер во чиј мандат најмногу еродираше македонската дипломатија – заклучуваат поранешни дипломати.