Македонските власти ја поддржуваат Украина во борбата против руската агресија, но ја одобруваат идентитетската и историско-културолошка агресија на Бугарија врз Македонија. Во таа практична и психолошка војна, Бугарите имаат поддршка од мнозинството членки на ЕУ

Лекциите на премиерот на Албанија за односите со ЕУ

Во еден ќош од салите каде што се одржуваше традиционалната минхенска безбедносна конференција се одржа и неформалната панел-дискусија на темата „Балкан во фокусот“. Таму говореа македонскиот претседател Стево Пендаровски, црногорскиот Јаков Милатовиќ и Џин Шахин, демократска сенаторка за Њу Хемпшир, копретседавачка на сенатската набљудувачка група за НАТО.

Секој плаче на својот гроб, само Еди Рама плаче и на македонскиот?!

Ѕвезда на овој балкански собир беше претседателот на владата на Албанија, Еди Рама, кој се покажа како „силен маж“, за разлика од нашите претставници присутни и на панелот и на конференцијата. Сенаторката Шахин доживеа непријатност еден ден подоцна, кога беше одбиена да ја посети Унгарија.
Еди Рама не е само физички габаритен, тој е и политички силен, сигурен во она што го работи и зборува. И јак на јазик, често и шеговит, полн со алузии, кога ги штити интересите на својата држава, на својата политика. Среде Минхен тој им одржа лекција на европските и на македонските политичари. Кратка и јасна лекција, кажувајќи ставови и изговарајќи зборови што нашите политичари не смеат да ги изустат од страв да не им биде замерено.
Незадоволен и лут, изразувајќи го своето незадоволство што пристапувањето на Албанија во ЕУ е блокирано и врзано во пакет со Република Македонија, отворено ги обвини и Европската Унија и Бугарија. Користењето на местото во ЕУ што Бугарија и Грција го употребуваат како лост против соседите, Рама го оцени како „најантиевропската работа што може да се замисли“.
Ако им се верува на агенциските информации, албанскиот премиер ги споредил евроинтеграциите на двете земји со претекувањето кога се вари турско кафе и со криминогените киднапирања.
„Ситуацијата во Северна Македонија е првенствено резултат на политиката на Европската Унија, која не може да ѝ стави крај на практиката на киднапирање земји. ЕУ им дозволува на своите членки (Грција и Бугарија, б.м.) да го користат своето место во блокот како лост против своите соседи. Тоа е најантиевропското нешто што човек може да си го замисли“, рекол албанскиот премиер. Според него, последиците ги трпат самите земји, бидејќи тоа е најдоброто гориво за национализмот. „За жал, живееме во свет во кој национализмот и глупоста успеваат“, додал Еди Рама.

Македонските политичари никогаш не собраа доволно разум и сила да ги изложат на јасен начин македонските вистински позиции засновани на националните интереси, а поврзани со историјата, нацијата, јазикот и писмото

Поминаа пет години откако Бугарија со одлука на владата и со декларација во Народното собрание стави вето и ја блокира Република Северна Македонија на патот кон ЕУ, поставувајќи речиси невозможни услови што Македонија треба да ги исполни. Македонските политичари никогаш не собраа доволно разум и сила да ги изложат на јасен начин македонските вистински позиции засновани на националните интереси, а поврзани со историјата, нацијата, јазикот и писмото. Секогаш уплашени, секогаш со потскршен ’рбет и подвиткана опашка, прифатија сѐ што побараа бугарските власти и сѐ што наложи европската администрација, иако многу од тие предлози се на историска и идна штета на македонскиот народ.
Цели пет години Владата на Македонија попусто остануваше ориентирана кон пријателство, надевајќи се дека на тој начин дефинитивно ќе успее и натаму да создава атмосфера во која ќе се наоѓаат решенија што ќе носат добро за двете страни, и за македонската и за бугарската. Но без успех, без соодветен пристап од другата договорна страна. Бугарија не се откажува од тврдењето дека Македонците се проект на поранешниот југословенски лидер Јосип Броз-Тито, дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот и не постоел до 2 август 1944 година. Македонската влада и по овие негирања гази како на јајца, иако е јасно дека јајцето не може да го изедеш ако не го скршиш.
Снисходливата македонска позиција не е променета, иако во Европа се случуваат големи бранувања поврзани пред сѐ со војната во Украина. Македонските власти ја поддржуваат Украина во борбата против руската агресија, но ја одобруваат идентитетската и историско-културолошка агресија на Бугарија врз Македонија. Во таа практична и психолошка војна, Бугарите имаат поддршка од мнозинството членки на ЕУ.
Во оваа смисла, Рама ги шокира учесниците на стратегискиот форум во Блед, Словенија, во август минатата година. Зборувајќи за доминантната теза на форумот дека, поради агресијата од страна на Русија, треба да се забрза евроинтеграцијата на Украина, ако треба и со политичка одлука, Рама рече дека, ако тоа помага, балканските земји лесно можат да се нападнат меѓу себе!
– Гледајќи ги конфликтот во Украина и нејзиниот забрзан пат кон ЕУ, се прашувам кој кого треба да напаѓа во овој панел за побрзо да влеземе во Европската Унија, како Украина? И си одговарам: Бугарија лесно може да ја нападне Северна Македонија, без сомнение. Хрватска лесно може да ја нападне Србија, Србија – Косово, Босна може да се нападне самата себеси. Ние, Албанија, можеме да бараме од Грците да нè нападнат и тие со задоволство ќе го направат тоа, Црна Гора може само да лежи на плажа. И така сите ќе бидеме подготвени да влеземе во ЕУ заедно со Украина – рече Рама

Стратегијата „наведната глава сабја не ја сече“ не се покажа ниту ефикасна, ниту ефективна, ниту корисна за македонската страна

Поранешниот македонски премиер Димитар Ковачевски во една пригода даде слична изјава, но како попарен, брзо ја повлече и ја заборави, најверојатно поучен од некој надворешен фактор. Ковачевски, очекувано, ја продолжи политиката на немост кон политичкото черечење на Македонија на меѓународната сцена, вешто приспособувајќи се на условите што му беа наметнувани и диктирани од претходникот Заев и од странските советници.
Факт е дека стратегијата „наведната глава сабја не ја сече“ не се покажа ниту ефикасна, ниту ефективна, ниту корисна за македонската страна. Македонија како држава не доби речиси ништо од Европа освен голи ветувања, празни фрази и понекоја ситна пара како грант или донација, капка во морето проблеми и сиромаштија.
Како што е познато, на конференцијата во Минхен беа две делегации од Македонија. Едната предводена од претседателот Стево Пендаровски, другата од техничкиот претседател на Владата, Талат Џафери. Колку и да се сака да се смета дека е политичка коректност и оправданост присуството на двете делегации, неизбежна е перцепцијата дека втората делегација е таму за да се покаже дуалноста на власта во Северна Македонија, односно дека има разлика меѓу македонскиот и албанскиот политички фактор. Случајот со двете делегации покажува дека е разурната или напуштена доктрината „едно општество за сите“ и ставање до знаење дека не постои „една Македонија за сите“.
Завиено, поданички, како и секогаш, претседателот Пендаровски посочи на падот на интересот за ЕУ во регионот, наведувајќи го македонскиот пример. Тој наведе дека и по тешки компромиси, државата нема напредок во интеграцијата кон ЕУ, додавајќи дека блокадата на патот кон ЕУ носи поларизација и помеѓу самите македонски граѓани, не само на етничка основа. Во никој случај не може да се оспори вистинитоста на овие зборови на претседателот, но тие немаат некоја специфична тежина, бидејќи не ги појаснуваат причините зошто е тоа така и кој е виновен за таквите состојби, за падот на довербата на македонските граѓани кон ЕУ.
За жал, Пендаровски, како и целата македонска владејачка елита, наместо на вистинската адреса, вината, во поголем дел, си ја префрла врз себе или врз граѓаните, плашејќи се да го спомне вистинскиот фактор што го запира процесот на евроинтеграциите на Македонија. Нема сомнение дека таквите нивни ставови и постапки придонесуваат да го губат авторитетот, довербата во земјата да им биде на многу ниски гранки, а популарноста сведена на минимални проценти.