Фото: РФМ

Црвено-жолтите во квалификациите нема да играат со Австрија, Црна Гора, Србија, Полска, Чешка, Фарски Острови и со Грција

Машката ракометна репрезентација на Македонија ќе биде влечена од вториот барабан на ждрепката за квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2026 година во Данска, Шведска и во Норвешка. Избраниците на селекторот Кирил Лзаров ќе играат за пласман на деветто ЕП. Во вториот барабан се уште и селекциите на Полска, Чешка, Србија, Црна Гора, Австрија, Грција и на Фарски Острови, што значи дека црвено-жолтите нема да играат со нив во квалификациите.
Вкупно 32 репрезентации се во квалификациите, а директен пласман обезбедија домаќините на ЕП 2026 и европскиот првак Франција. Ќе има вкупно осум квалификациски групи. Настап на ЕП ќе обезбедат двете најдобропласирани од секоја група, како и четири најдобри меѓу третопласираните од сите групи. Според Европската ракометна федерација (ЕХФ), ждрепката е предвидено да се одржи на 21 март во Копенхаген (Данска).
Македонската репрезентација е на 19-та позиција со 98 бода, на најновата ранг-листа на ЕХФ објавен вчера. Данска (432 бода) и понатаму е на првото место, второпласирана е Франција (424), а потоа се Шведска, Германија, Шпанија, Норвешка, Унгарија, Исланд, Хрватска, Словенија… Г.И.


СОСТАВ НА БАРАБАНИТЕ

1: Германија, Шпанија, Унгарија, Исланд, Хрватска, Словенија, Португалија, Холандија
2: Македонија, Австрија, Црна Гора, Србија, Полска, Чешка, Фарски Острови и Грција
3: БиХ, Словачка, Белгија, Швајцарија, Романија, Литванија, Украина, Италија
4: Финска, Израел, Естонија, Грузија, Турција, Луксембург, Косово, Летонија