Фото: Влада

Вицепремиерката задолжена за добри политики на владеење Славица Грковска денеска во врска со ставањето на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев на „црната листа“ на САД изјави дека главната обврска е секогаш на домашните институции, но оти секоја меѓународна помош е добредојдена. Таа напомена дека веќе се предложени измени во Законот за рестриктивни мерки, кои поминале на Влада, освен санкциите од ЕУ и ОН, да бидат додадени и санкциите на САД.

– И претходно сум изјавила дека главната обврска е на домашните институции, но секоја помош од меѓународните институции, од нашите пријателски држави, особено САД, кои се стратешки партнер е добредојдена и очекувам меѓународните и домашните институции понатаму да ги преземат сите неопходни мерки согласно укажувањата. Веќе предложивме и тоа помина на Влада да се направат измени во законот за рестриктивни мерки, при што покрај санкциите од ЕУ и ОН, ќе бидат додадени и санкциите од САД и тоа ќе биде дополнителна вредност во борбата против корупцијата и организираниот криминал – изјави Грковска на новинарско прашање во врска со ставањето на Анѓушев на црната листа на САД, денеска на маргините на Отворен форум за антикорупција.

Стејт департментот го стави Анѓушев на „црна листа“ поради неговата вмешаност во значителна корупција и го означи како генерално неподобен за влез во САД.

– Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во нивните владини институции и јавни процеси – се наведува во соопштението објавено од Стејт департментот.

Поранешниот вицепремиер Анѓушев, пак, во соопштение до медиумите ги негираше сите сомневања изразени од Стејт департментот и најави дека ќе ја обжали одлуката, а американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер порача дека ќе следуваат повеќе назначувања, но дека останува на функционерите и граѓаните да побараат одговорност.

Грковска денеска на маргините на панелот „Како да се постигне подобра соработка во борбата против корупцијата меѓу јавниот, граѓанскиот и бизнис секторот“ во организација на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата одговори колку резвироски извештаи прочитала, кој е последниот и која е најтешката казна која е изречена на државен службеник, поврзана со корупција или прекрчување на правилата на Кодекост, додека таа е на оваа позиција.

Грковска истакна дека ги читаат сите ревизорски извештаи, а ги издвои тој за Онкологија и за Агенцијата за филм.

– Последните два кои траат во континуитет, кои ги следиме со акциски планови е тој за Онкологија, уште во јули ги задолживме со активности, го доставија документот, имаме предолжени заклучоци на Влада денеска би требало да ги разгледаме и го отворивме прашањето уште пред да излезе во јавност за Агенцијата за филм, при што има заклучок дека итно Генералниот секретаријат треба да распише оглас за избор на директор. Во меѓувреме поради наодите на ДЗР кога требаше да биде избран директор бев против, меѓутоа за жал беше ставен в.д. директор. Ги следиме сите извештаи во смисол дека по доставениот извештај институциите имаат рок од 30 дена да предложат акциски планови, кои потоа ДЗР во соработка со институциите ги следи, ги предупредуваме институциите да не задоцнат и да бидат исполнителни – рече Грковска.

Како една од добрите практики, во соработка со ДЗР, ја посочии нформацијата врз основа на ревизорските извештаи за јавен долг, која поминала на Влада, при што имало заклучоци за тоа кои конкретни министерства и институции како треба да постапат во одредени рокови, за да се надминат проблемите кои се детектирани кај нив.

Во однос на пријавите за прекршување на Етичкиот кодекс не можеше да се сети на точна бројка, но одговори дека постапиле секогаш кога имало укажувања од медуми, граѓани, ДКСК. Во однос на тие што го повториле делото, посочи еден случај, со вицепремиерот Артан Груби, но додаде дека тие како кабинет имаат обврска да го информираат премиерот и оти тоа го направиле. Кодексот, вели Грковска не е закон и тој е недоволен и затоа изготвиле нацрт-законски решение, кое ќе го врзат со оние лица кои не постапуваат согласно Кодексот и кои се на листите на санкции.