Одлучноста на компанијата и подготвеноста на сите вработени да им помогнат на оние на кои им е најпотребно се најголема потврда за улогата на „Алкалоид“ како општествено одговорна компанија. Компанијата во изминатиот период реализираше повеќе хуманитарни проекти организирани заедно со Црвен крст на Град Скопје, со социјалното претпријатие „Копче“ и со Институтот за трансфузиска медицина.
Вработените на компанијата, како главни амбасадори на доброто дело, и овој пат несебично го дадоа својот придонес и се вклучија во сите хуманитарни акции на „Алкалоид“, доследно претставувајќи ги компаниската култура и посветеноста. Во духот на човековата солидарност се постигнати одлични резултати во донаторските акции, на кои тие се особено горди: собрани се речиси еден тон донирана облека, која не им е потребна, но која е зачувана и која сѐ уште може да се користи, и речиси еден тон храна за подготовка на пакети со храна – донации наменети за ранливите категории и за социјално загрозените семејства, за да се помогне за полесно справување со секојдневните предизвици со кои се соочуваат.


Особено радува продолжувањето на веќе воспоставената соработка со Црвен крст за крводарителски акции, која резултираше со собрани 340 единици крв во двете акции спроведени годинава, бројка што зборува за големата мотивираност на вработените, но и за индивидуалната и за колективната општествена одговорност, кои беа манифестирани преку чинот на крводарување.
Зацврстувајќи го имиџот на партнер на општеството посветен на поттикнување значајни промени и на остварување позитивно влијание, „Алкалоид“ континуирано ги исполнува своите заложби за општествено одговорно однесување и преку конкретни проекти и позитивни примери ќе продолжи да дава активна поддршка за заеднички иницијативи што имаат цел да ги поттикнат хуманоста и човековата солидарност, но и да ги унапредат колективната свест и одговорност спрема заедницата.