Фото: ЕПА

Францускиот носач на хеликоптери „Диксмуд“ се закотви во Египет и би можел да започне со лекување на ранетите деца од Газа подоцна оваа недела, изјави министерот за одбрана Себастиен Лекорну.

„Диксмуд“ е првиот западен воен брод што се закотви во Египет од почетокот на конфликтот. Се закотви во понеделникот во Ел Ариш, на околу 50 километри западно од Газа.

– Го имаме овој брод кој е претворен во болница кој пристигна вчера. Има 40 кревети – изјави Лекорну за радио „Европа 1“.

Со две операциони сали, воениот брод може да ги лекува оние со помали рани пред да ги префрли во болниците на брегот.

Париз, исто така, стави на располагање 50 кревети во Франција за тешко ранети и болни деца во Газа, меѓу кои може да има и пациенти со рак.

Француските власти соопштија дека на бродот имало околу 22 цивилни лекари, вклучувајќи 16 хирурзи и шест педијатри.