Легендарниот британски музичар и лидер на „Квин“, Фреди Меркјури, почина пред 32 години, само еден ден откако неговиот менаџер официјално потврди дека славниот пејач боледува од сида

Според многумина, признанието дојде многу доцна: само еден ден пред смртта на легендарниот музичар Фреди Меркјури, незаборавниот лидер на групата „Квин“, кој почина на 24 ноември 1991 година, неговиот менаџер официјално го потврди она што веќе сите го знаеја, дека познатиот пејач боледува од сида, и тоа во поодмината фаза. Џим Хатон, ирски фризер и последен партнер на Фреди со кој помина речиси девет години, беше покрај него до неговата смрт. Иако истополовите бракови не беа законски можни во 1980-тите години, Фреди и Џим носеа венчални прстени како симбол на нивното партнерство и љубов.
Во тестаментот, Меркјури му остави на Хатон петстотини илјади фунти, а половина од неговото лично богатство и идните заработувачки од авторските права и правата за изведување отидоа кај неговата најдобра пријателка и поранешна свршеница Мери Остин, која исто така го наследи неговиот имот „Уан гарден воч“ во Кенсингтон, каде што „Квин“ го сними спотот за песната „We will rock you“. Четвртина од своето богатство им оставил на родителите, а четвртина на сестра му. По смртта на неговите родители, нивните 25 отсто од правата за заработка од авторски права и права на изведба, исто така, отидоа кај Мери Остин.
Меркјури беше кремиран на гробиштата „Кенсал Грин“ во западен Лондон, а на погребот имаше 35 луѓе. Почитувајќи ја неговата желба, Мери Остин ги погреба неговите останки на место непознато за јавноста.
Мистер Бед Гај, кој беше еден од многуте прекари на Фреди, влезе во легендите како нескротлив забавувач што ја освојуваше публиката со својот глас, но и со својот уникатен стил и сценски настап, што му донесе почесно место во историјата на популарната музика на 20 век.

Фарух Булсара, што е вистинското име на Меркјури, е роден на 5 септември 1946 година во Стоун Таун, Занзибар, денешна Танзанија, каде што неговиот татко, Индиец што емигрирал во Занзибар, работел како службеник на британската колонијална администрација. Потоа, семејството се преселило во Индија, а Фреди како тинејџер пристигнал во татковината на неговите родители, во провинцијата Мидлсекс во југоисточна Англија. Името Фреди првпат се споменува во книгите на британското училиште „Св. Питер“, во близината на Мумбај, Индија, а официјално го смени презимето во 1970 година, кога веќе беше формирана групата „Квин“.
Тој израснал во семејство на зороастријци, кои практикувале религија заснована на учењето на персискиот пророк Заратустра, кој живеел на преминот од седмиот во шестиот век пр. н.е. Учењето се заснова на дуализам во кој силите на доброто, вистината и светлината им се спротивставуваат на силите на злото, невистината и темнината.

Негов заштитен знак беа и четирите дополнителни заби, кои му ги туркаа предните заби напред. Иако тоа го сметал за свој физички недостаток, не сакал хируршка интервенција бидејќи се плашел дека промената ќе ја загрози бојата на неговиот глас и воопшто неговите вокални способности. Неговиот опсег на глас беше неверојатни четири октави – од баритон до тенор.
Пред да стане славен, тој се занимавал со различни работи: меѓу другото, бил физички работник на аеродромот „Хитроу“ за товарење и истовар на багаж. Неговите несудени колеги на тој аеродром редовно го слават роденденот на Меркјури на 5 септември со кореографија, песна и танц. Неговите приватни роденденски забави станаа легендарни: тие понекогаш траеја со денови, а вклучуваа настапи на фламенко-танчари, шамани и хипнотизери на змии, стриптизети, огномет, хектолитри шампањ и килограми нелегални наркотици.
Сепак, неговите диви изведби беа маска што ја користеше за да ги скрие сопствената срамежливост и несигурност.
– Никој освен најблиските и членовите на бендот не го запознаа вистинското лице на Фреди: тој е нежен и исклучително драг човек – рече Роџер Тејлор, неговиот колега од бендот во тоа време.

Се дружеше со многу познати личности, а ја обожаваше и принцезата Дијана, исто како што и таа го обожаваше него. Тие одлично се забавуваа заедно, па една вечер поминаа гледајќи го филмот „Златните девојки“ без тон, измислувајќи свои дијалози. Потоа тие се упатија кон таверната „Ројал воксол“, легендарен геј-бар во Јужен Лондон, а Меркјури ѝ позајми на Дијана војничка јакна, очила за сонце и капа за да може безгрижно да се забавува. Принцезата го обожаваше неговиот дует „Barcelona“ со оперската дива Монсерат Кабаље, кој стана химна на Олимпијадата во Барселона во 1992 година. На Меркјури му беше чест да соработува бидејќи Кабаље, според него, го имаше најубавиот глас што некогаш го слушнал.
Бил страстен љубител на мачки, а во еден момент се грижел и за десет животни. На својата сакана Далила ѝ посветил необјавена песна со исто име, а на мачките воопшто им го посветил албумот „Mr. Bad Guy“. Најчесто ги удомувал од засолниште, а се викале Том, Џери, Мико, Голијат, Дороти, Лили, Оскар, Ромео и Далила. Единствената мачка од чистокрвна раса беше Тифани, подарок од неговата свршеница и доживотна придружничка Мери Остин.