Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука за зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,55 проценти. Од полноќ бензините поскапуваат за два денари по литар, а дизелот за еден денар.
Со новата одлука, цената на „Еуросупер БС-95“ ќе изнесува 93 денари за литар, додека „Еуросупер БС-98“ ќе се продава за 95 денари за литар.
Дизел горивото „Еуродизел БС (Д-Е V)“ поскапува за еден денар, со што новата цена ќе достигне 100 денари за литар.
Цената на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) останува непроменета и ќе изнесува 110 денари за литар.
Поскапување има и кај мазутот М-1 НС, чија цена се зголемува за 1,300 денари за килограм и ќе изнесува 55,573 денари за килограм.
Во пресметката на новите цени е применета владината одлука за намалување на ДДВ за ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) на 10 проценти. Дополнително, применета е намалена акциза од два денари по литар кај бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и БС-98, како и намалена акциза од четири денари по литар кај дизелот.
































