Фото: МИА

Четири случаи на морбили се потврдени во земјава, од кои еден кај странски државјанин и три кај македонски државјани од Велес, Штип и Скопје. Меѓу домашните случаи има две бебиња помлади од 12 месеци и едно лице над 40 години. Сите тројца се невакцинирани, информираше министерот за здравство Сашо Клековски.

Тој посочи дека бебињата под една година сè уште не се опфатени со редовната вакцинација против морбили, поради што нивната заштита зависи од имунизацијата на лицата во нивната околина.

Институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје ги завршуваат епидемиолошките анализи за да утврдат дали постои поврзаност меѓу случаите. Клековски нагласи дека во моментов нема услови за прогласување епидемија во земјава.

– Имаме први случаи и тоа што го правиме во услови на епидемија во Косово и Бугарија е да повикуваме на претпазливост кај граѓаните и кај институциите – рече министерот.

Тој апелираше граѓаните да го проверат вакциналниот статус и да се осигурат дека примиле две дози вакцина против морбили или ја прележале болеста. Посебен апел упати до здравствените работници, кои поради контактите со пациенти се изложени на поголем ризик.

Клековски предупреди дека морбилите се високо заразни и повика лицата со температура и осип да не одат директно во здравствените установи, туку најпрво телефонски да се јават кај лекар.

– Секое одење во чекалница го зголемува ризикот од проширување на сипаниците. Главна контакт-точка за сипаниците се, во основа, чекалниците во здравствените установи – посочи тој, додавајќи дека вирусот може да остане активен во воздухот околу два часа.

Протоколи за здравствените установи, градинките и училиштата

Министерот информираше дека Институтот за јавно здравје има изготвено протоколи за здравствените установи, а од здравствените работници е побарано да го проверат својот вакцинален статус.

Упатства се дистрибуирани и до градинките и училиштата преку надлежните министерства, а издадени се и протоколи за граничните премини.

Клековски ги повика граѓаните што планираат патување во Косово и Бугарија, каде што е прогласена епидемија, претходно да го проверат својот вакцинален статус.

Тој потврди дека тројцата македонски државјани не патувале во странство, поради што се испитуваат можностите за нивна меѓусебна поврзаност во земјава. Во меѓувреме, надлежните се во комуникација со Косово во врска со случајот на странскиот државјанин.

Едно од заразените бебиња било хоспитализирано на Клиниката за инфективни болести, но е отпуштено на домашно лекување и е во добра состојба. По наредба на Министерството, Клиниката за детски болести се подготвува за прием на вакви случаи, бидејќи Клиниката за инфективни болести не е оспособена за третман на бебиња.

Комисијата за заразни болести веќе заседава, а една од препораките е зголемена претпазливост кај граѓаните и институциите, особено во градинките и училиштата.

– Сега е до нас да направиме сè овие три случаи да не станат повеќе случаи – порача Клековски.

Тој информираше дека во моментов има 14.000 вакцини против морбили на залиха, со можност за дополнително зголемување на количините. При претходното прогласување епидемии биле употребени околу 50.000 вакцини, главно поради заостанување во вакцинацијата кај претходните генерации.