Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел ќе биде дел од изборот за нов претседател на Германија во 2027 година, како претставничка на конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ), пренесува ДПА.
Меркел ќе ја претставува партијата од северната германска покраина Шлезвиг-Холштајн. Веста за нејзиното учество денеска ја објавија неколку германски медиуми.
Новиот германски претседател ќе биде избран на 30 јануари 2027 година, кога истекува мандатот на актуелниот претседател Франк-Валтер Штајнмаер.
Германскиот претседател има главно церемонијална функција, а го избира Федералното собрание, составено од сите членови на Бундестагот и еднаков број делегати избрани од парламентите на 16-те германски сојузни покраини.
Сојузните покраини веќе ги избираат своите претставници, но коалициската влада на канцеларот Фридрих Мерц, составена од конзервативците и социјалдемократите, сè уште нема договор за заеднички кандидат.
Меркел неодамна изјави дека смета оти на местото на Штајнмаер треба да дојде жена.
– Во 77-годишната историја на Сојузна Република Германија никогаш немало жена на функцијата сојузен претседател – изјави таа во интервју за „Магента ТВ“.
Поранешната канцеларка тогаш додаде дека треба да се размисли дали конечно не е дојдено време Германија да добие жена за шеф на државата.
































