Двајца полициски службеници вработени во Прифатниот центар за странци при Регионалниот центар за гранични работи Север се соочуваат со кривични пријави за тешка кражба и полово вознемирување, информира Министерството за внатрешни работи.
Кривична пријава за тешка кражба е поднесена против полициската службеничка Б.Д., додека раководителот на смена Б.М. е пријавен за полово вознемирување.
Според информациите од МВР, првопријавената, на 28 септември 2026 година, за време на посета во Прифатниот центар, од мајката на привремено задржано женско лице одзела златен и сребрен прстен, како и 3.000 денари. Предметите и парите, како што се наведува, ги пронашла при преглед на чантата на задржаното лице.
Второпријавениот, раководител на смена во центарот, според пријавата, на 30 септември 2026 година влегол во собата во која било сместено привремено задржаното лице. Со вербални и физички дејствија, како и преку електронска комуникација, наводно изразувал сексуална страст и преземал дејствија што јасно асоцираат на сексуален однос.
Со ваквото постапување, според МВР, го повредил достоинството на оштетената и предизвикал чувство на непријатност, навреденост, понижување и страв, злоупотребувајќи ја нејзината подредена положба.
Од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди најавуваат дека против двајцата ќе биде поднесен предлог за поведување постапка за утврдување одговорност и нивно суспендирање од работните места до завршување на дисциплинската постапка.


































