Фото: Фејсбук на премиерот Христијан Мицкоски

Потенцијални дополнителни инвестиции во телекомуникациите, здравството, паметната технологија и други индустрии биле во фокусот на средбите на премиерот Христијан Мицкоски со раководството на „Дојче Телеком“ за време на посетата на Германија.

Мицкоски вечерва преку видеообраќање информираше дека заедно со владиниот тим имал динамична работна агенда во Бон, во чии рамки остварил средби и со претставници на Германската стопанска комора и германски компании заинтересирани за инвестирање во Македонија.

Според премиерот, со раководството на „Дојче Телеком“ се разговарало за можностите за проширување на нивното присуство на македонскиот пазар, но и за инвестиции во други сектори кои би донеле поголема додадена вредност за домашната економија.

– Зборувавме и за потенцијални инвестиции на „Дојче Телеком“ во други области како што се здравството, паметната технологија и друг тип индустрии што ќе донесат голема додадена вредност за македонската економија и на тој начин ќе го зголемат присуството на „Дојче Телеком“ во Македонија, но и во регионот – рече Мицкоски.

Премиерот информираше и за средбата со Германската стопанска комора, на која присуствувале компании што веќе инвестираат во Македонија, но и потенцијални нови инвеститори.

На разговорите станало збор за досегашните искуства на германските компании, можностите за подобрување на деловните услови, како и за проширување на постојните инвестиции и производствени капацитети.

Преку објава на Фејсбук, Мицкоски посочи дека на средбата со претставниците на германските компании од Северна Рајна-Вестфалија биле презентирани потенцијалите на македонскиот ИКТ-сектор, обновливите извори на енергија, здравството, јавната безбедност, инфраструктурата и дигиталната трансформација на индустријата.

– Нашата цел е германските компании да ја препознаат Македонија како доверлив партнер за долгорочни инвестиции, трансфер на технологии и развој на висококвалификуван кадар – наведува премиерот.

Тој оцени дека продлабочувањето на економската соработка со Германија може да придонесе за отворање нови, високоплатени работни места, зголемување на инвестициите и раст на бруто-домашниот производ.

Во владината делегација се и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и директорот на ТИРЗ Гоце Димовски.