Дигитализацијата на енергетскиот сектор носи поголема ефикасност и подобри услуги, но истовремено отвора нови ризици од кибернапади, кои може да го загрозат снабдувањето со електрична енергија и функционирањето на критичната инфраструктура. Зајакнувањето на националните капацитети за кибербезбедност и подготовката за ваквите закани се во фокусот на проектот „Сајбербезбедност за отпорна дигитална иднина“, поддржан од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Република Словачка.
Од УНДП посочуваат дека киберзаканите стануваат сè почести, а последиците од нападите врз критичните системи може директно да влијаат врз секојдневниот живот на граѓаните.
– Додека доаѓав овде, слушнав вест дека украинската инфраструктура за известување во итни случаи била хакирана, а граѓаните почнале да добиваат пораки за нуклеарни закани. Можете да замислите какво влијание може да имаат ваквите пораки врз населението. Ова е само еден од многубројните примери. Се чини дека, водени од добри намери, создадовме нешто за кое повеќе не знаеме како целосно да го контролираме – истакна Ана Чернишова, заменичка на постојаниот претставник на УНДП во Северна Македонија на денешниот настан „Сајбербезбедност во енергетскиот сектор: Од процена до отпорност – Патоказ за енергетскиот CSIRT“, организиран од УНДП.
Таа предупреди дека и Северна Македонија е изложена на вакви ризици, особено поради поврзаноста со регионалните пазари на електрична енергија и меѓусебно поврзаните електроенергетски системи.
– Киберинцидент во соседна земја, на регионална пазарна платформа или кај заеднички давател на услуги може да го наруши тргувањето со електрична енергија, да ги намали можностите за балансирање на системот и да наметне ограничувања во снабдувањето – посочи Чернишова.
Министерката за енергетика Сања Божиновска со порака дека кибербезбедноста во енергетиката е прашање што ги засега сите – граѓаните, економијата и националната безбедност и дека мора да се заштитат системите од закани што може да предизвикаат реални прекини и сериозни последици.
– Кога зборуваме за енергетската безбедност, најчесто мислиме на сигурно снабдување, стабилна мрежа и доволно производствени капацитети. Но, денес, безбедноста на енергетскиот систем зависи и од заштитата на дигиталната инфраструктура преку која тој се управува. Зад секое домаќинство што има електрична енергија, зад секоја компанија што работи и секоја јавна услуга што непречено функционира, стои систем чија сигурност мора постојано да ја унапредуваме – рече Божиновска.
Во соработка со УНДП направена е процена на кибербезбедноста во енергетскиот сектор и изработена е методологија, која претставува практична основа за координирано управување со киберинциденти, навремена размена на информации и градење на стручните капацитети во секторот.
– Во меѓусебно поврзан енергетски систем секој субјект мора да знае кому да му се обрати, кои информации да ги сподели и како да постапи при инцидент. Навременото предупредување и усогласениот одговор може да го ограничат ширењето на последиците и да помогнат побргу да се воспостави нормалното работење – нагласи министерката Божиновска.
Останува препораките и методологијата да добијат практична примена, со јасни одговорности и утврдени приоритети пренесува МИА.
































