Фото. ЕПА

Руските сопственици на приватни центри за податоци (дата-центри) ќе мора да издвојат 10 проценти од нивниот капацитет за поддршка на руската информатичка инфраструктура. Ова е предвидено со указот што го потпиша претседателот Владимир Путин, по неодамнешните напади со украински беспилотни летала врз овие објекти, пренесе „Ројтерс“.

Механизмот ќе им овозможи на руските власти брзо да пристапат до расположливиот капацитет на дата-центрите, доколку се процени дека тоа е неопходно.

Во изминатите недели руски дата-центри беа цели на напади со украински дронови. Минатиот месец беа погодени и објекти со кои управуваат технолошките компании „Јандекс“ (Yandex) и „Сбербанк“ (Sberbank).

Со указот, Путин му наложи на Министерството за дигитален развој, комуникации и масовни комуникации да направи попис на расположливиот капацитет и простор во приватните дата-центри низ Русија.

Специјална владина комисија, која ќе биде формирана согласно указот, ќе може да нареди ослободување на резервираниот капацитет. Операторите ќе бидат обврзани да овозможат пристап во рок од 24 часа од донесувањето на одлуката.

Указот предвидува и можност за привремено користење дата-центри во странство, но само со претходно одобрение од Федералната служба за безбедност (ФСБ).