„Скопје филм фестивал“ од 4 до 9 ноември

  • Сакаме фестивалот да биде место за филмски откритија, непосредни средби со авторите и инспирација за младите што го откриваат сопствениот филмски израз, вели Томи Салковски, директор на „Скопје филм фестивал“

Дваесет и шестото издание на „Скопје филм фестивал“ ќе се одржи од 4 до 9 ноември во Младинскиот културен центар (МКЦ) и Македонскиот народен театар (МНТ). На публиката ќе ѝ бидат понудени внимателно избрана програма со филмски остварувања од современата светска кинематографија, средби со автори и гости и едукативни содржини наменети за младите. Мотото на фестивалот е „Вистинска приказна“.
„Скопје филм фестивал“ свечено ќе биде отворен со филмот „Идиот(и)“ во МНТ, во режија на Малгоржата Шумовска и Михал Енглерт, во кој главните улоги ги толкуваат Ејми Лу Вуд, Џони Флин, Вики Крипс и Кристијан Фридел. Со ова остварување започнува фестивалската програма што ќе ја поведе публиката низ различни авторски пристапи, современи теми и приказни што отвораат простор за размислување и разговор. На вториот фестивалски ден е закажана премиера на филмот „17“ на Косара Митиќ, исто така во Македонскиот народен театар. А веќе од наредниот ден програмата на фестивалот ќе продолжи во Младинскиот културен центар, односно во киното „Фросина“.
Покрај филмските проекции, програмата ќе понуди средби со авторите и со гостите на фестивалот, како и едукативни активности преку кои младите ќе имаат можност да учат од филмски професионалци, да разменуваат искуства и да ги развиваат своите креативни интереси.
– Со ова издание отвораме ново поглавје за „Скопје филм фестивал“, со внимателно избрана програма што носи врвни остварувања од елитата на современата светска кинематографија. Тоа се филмови со супериорен авторски израз, смели идеи и силни приказни, кои заслужуваат да се доживеат на големото платно. Сакаме фестивалот да биде место за филмски откритија, непосредни средби со авторите и инспирација за младите што го откриваат сопствениот филмски израз. Под покровителство на градоначалникот на Град Скопје и во партнерство со „А1 Македонија“, „Скопје филм фестивал“ има амбиција да се развие во една од значајните филмски и културни манифестации во регионот. Истовремено, сакаме фестивалот да стане еден од носечките проекти на Скопје – „Европска престолнина на културата 2028“, со програма што ќе го поврзува нашиот град со современата европска и светска кинематографија и ќе го позиционира Скопје како отворен простор за филм, култура и нови идеи – изјави Томи Салковски, директор на „Скопје филм фестивал“.
Во рамките на фестивалот ќе биде претставена и „А1 кинотека“, проект посветен на дигиталната реставрација на филмови и зачувувањето на филмското наследство, реализиран во соработка со „А1 Србија“. Преку оваа програма публиката ќе има можност повторно да погледне значајни филмски остварувања, кои со помош на дигиталната реставрација добиваат нов живот на големото платно.


На 26. издание на „Скопје филм фестивал“ за првпат ќе биде доделена наградата „Златна скополија“ за исклучителен придонес кон светската кинематографија. Прв добитник на ова признание ќе биде режисерската двојка Малгоржата Шумовска и Михал Енглерт, како признание за нивното долгогодишно уметничко партнерство, заедничката креативна визија и придонесот во развојот на современиот филмски јазик. Нивната соработка претставува редок пример за спојување на два различни уметнички сензибилитети во препознатлив авторски израз.
Фестивалското жири годинава го сочинуваат петмина филмски професионалци од Македонија и странство. Меѓу нив се македонската актерка и продуцентка Лабина Митевска, која во 2025 година ја доби наградата за најдобар европски копродуцент од Европската филмска академија, британскиот продуцент Стив Абот, познат по соработката со култната комичарска група „Монти Пајтон, како и германската фестивалска програмерка Даниела Вебер, која има долгогодишно искуство во селекцијата и програмирањето на Берлинскиот филмски фестивал.
Во жирито е и српскиот режисер и сценарист Павле Вучковиќ, чии кратки филмови освоија признанија на Канскиот филмски фестивал, како и македонскиот режисер и сценарист Даријан Пејовски, автор на филмовите „Три дена во септември“ и „Мими“, но и на повеќе успешни телевизиски проекти.