Бројот на загинати во катастрофалниот пожар во фабрика за слатки на островот Јава во Индонезија се искачи на најмалку седум, додека 50 лица сè уште се водат како исчезнати, соопшти индонезиската полиција.
Спасувачките екипи и денеска продолжуваат со потрагата по исчезнатите работници по пожарот што избувнал во фабриката во округот Серанг, на околу 50 километри од главниот град Џакарта.
Претходно беше соопштено дека 15 лица успеале да се спасат, од кои четворица биле повредени и пренесени во здравствени установи.
Поради силниот пожар и тешките последици, идентификацијата на загинатите е отежната. Според властите, телата не можат да бидат идентификувани со визуелна проверка, поради што се собираат ДНК-примероци од членовите на семејствата, како и лични предмети на исчезнатите работници.
Фабриката е во сопственост на кондиторската компанија „Фонуа Агунг Мулија“. Спасувачките служби продолжуваат со операцијата, а се очекуваат дополнителни информации за бројот на жртви и околностите под кои избувнал пожарот.































