Интервју со Блага Петреска, естрадна уметница
Блага Петреска низ животот научила што значи да си заљубен, почувствувала колку чини тагата, но сепак одбрала да запее пред да заплаче. Како судба ја сретнала музиката, која ѝ овозможила да не свене невенот во нејзиното срце, а денес таа е доказ дека песната може сѐ. Со над 60 години музичко-сценска дејност, богата кариера со многу снимени песни, голем број издадени носачи на звук и со безброј настапи во поранешна Југославија, во Македонија и во дијаспората, таа е доајенка на македонската народна музика. И денес, таа сѐ уште снима и настапува, докажувајќи со текот на годините дека вистинскиот уметник не старее, туку зрее. Срдечно ја прифати нашата покана за разговор во едно од скопските кафулиња, а средбата беше топла и пријатна, затоа што во овој случај уметницата е искрена, полна со љубов и со ведрина, како на сцената, така и во приватниот живот.
Се чини, во многу нешта се испреплетиле во вашиот музички пат и вашиот приватен живот…
Додека живеев во Прилеп, учев клавир кај мојата професорка, Русинката Калиса Тросјанска. Таа дојде дома кај моите родители, го пофали мојот глас и им рече дека треба да се школувам за пеење. Иако тоа беше неприфатливо за моите родители, таа ги убеди. Таа професорка е мојот животен гуру. Од средбата со неа, па натаму, сиот мој живот е поврзан со Русија. Професорката Тросјанска живеела во раскош во Русија, но нејзиното семејство бива протерано од Црвената армија. Се омажив во семејство во кое мојот свекор ја имаше слична животна судбина. Подоцна син ми се ожени со Русинка, а сега внука ми студира во Москва. Случајност или не, кој би знаел…
Да се потсетиме на вашите музички почетоци…
Првпат запеав на 14 години. Штом дојдов во Скопје да учам средно музичко училиште, хонорарно бев ангажирана во Радио Скопје да исполнувам детски песнички. Приватно давав часови по музичко. Ќе излезев од мојот студен интернат и ќе отидев во големите топли раскошни куќи на семејствата чии деца ги подучував. Мечтаев да имам и јас клавир како што имаа тие во нивните домови.
Какви ви се искуствата од долгогодишната работа во хорот на Македонската опера и балет?
Многу е убава дружбата со членовите на хорот. Работата таму ми го дозволи моето растење и како човек и како уметник. Да работиш со шеесетина луѓе, да не се скараш со никого, да внимаваш никого да не навредиш и да останеш со секого во пријателски односи, да постигнеш самоконтрола, да изградиш карактер, исто така е успех. Почетокот на кариерата ми го одбележа забавната музика. Многу ја сакав Тереза Кесовија и ги пеев сите нејзини песни. Завршив соло пеење, научив да дишам на дијафрагма и да го поставам гласот. Бидејќи почнав со забавно пеење, пеев во маска, начин на пеење кој го негуваше и Нина Спирова. И песните испеани во дует со Захаринка Милосављевиќ се во тој манир. А јас имам отворен глас, кој подоцна го истакнав како пејач на новокомпонирани песни. Придобивка од работата во МОБ е совладувањето на техниката и одржувањето на кондицијата, бидејќи секојдневно имаме проби. Многу сум благодарна што во животот сретнав талентирани и реализирани луѓе со свој авторитет и интегритет. Таков беше Петре Причко, со кого имав чест да ја изведувам „Коштана“. Од него научив многу, а многу научив и од оперските диви. Да речеме, кога настапуваше Радмила Бакочевиќ, пееше прекрасно, но односот со публиката и со целиот ансамбл ѝ беше студен. За разлика од неа, Лилјана Молнар беше целата исткаена од емоции. Кога таа пееше, сите ние плачевме. Нејзината емоција допираше до сите, немаше студенило. Тогаш посакував да бидам како неа, не да бидам над публиката, туку со публиката.
Испеавте неколку дуети, кои денес се трајно музичко културно наследство и често се пеат, а изведувани се и од други пејачи. Како дојде до реализацијата на овие дуетски песни?
Сѐ излезе случајно. Пред да ја испееме „Песната може сѐ“, јас имав друга песна од Копров, чинам со наслов „Солза“. Но Мате Груевски му рече на Миле Барбаровски дека „Песната може сѐ“ треба да ја испееме јас и Ефто Пупиноски. Искрено, јас на почеток се спротивставив, но на крајот прифатив. И така се споивме со Ефто. Што се однесува до дуетот со Гоце Арнаудов, има една интересна случка. Тој беше рокер и кога дојде кај мене дома да направиме проба, од неговиот силен глас моите деца се исплашија и ми рекоа да не пеам со него (се смее). Но, Миле Барбаровски ми рече дека „ќе го скроти“ Гоце Арнаудов, предвидувајќи ѝ успех на песната. Дотогаш се внимаваше македонските дуети да имаат гласови кои се совпаѓаат, како на пример дуетот Куцулова-Андреевски. Но, во Италија веќе стана мода да се прават комбинации меѓу рокери и фолк пејачи, па Миле Барбаровски ја прифати таа мода и бевме вистинско изненадување на Фолкфест Валандово. Жал ми е што Гоце Арнаудов отиде толку рано, а имав желба да снимиме некоја брза и енергична песна со која ќе ја „запалевме сцената“.
Со 66 години кариера и речиси 80 години живот, вие сѐ уште сте активни на сцената и не само што пеете, туку снимате и нови песни и настапувате на фестивали. Неодамна на вашиот роден Прилеп, во соработка со Александар и Дац, му ја подаривте „Серенада за Прилеп“…
Кај мене сѐ се случува спонтано. Јас не ги туркам нештата, туку тие ме наоѓаат мене. Така ме најде и оваа песна. Ми се јави Александар Митевски и ми рече дека има песна за Прилеп. Штом е за Прилеп, си реков, нема да ја одбијам. На почеток, ритамот беше малку поинаков, но го адаптиравме. Аранжманот и композицијата се на Александар Митевски, а текстот е на Огнен Неделковски. Претходно, многу пати сум добила понуди да испеам песна за Прилеп, но не беше она што треба да биде и она што го постигнавме со „Серенада за Прилеп“. Многу ме испочитуваа Дац и Александар и заеднички вложивме многу љубов во таа песна. Среќна сум што на мојот град му дадов песна, му ги подарив сите мои награди и признанија кои сега се наоѓаат во Музичката соба во Музејот, а Прилеп ми возврати со наградата за животно дело „3 Ноември“. Би сакала наскоро да направам еден солистички концерт во Прилеп.
Снимивте и нови песни, а настапивте и на фестивалите во Охрид и во Валандово…
Годинава, во мај ја добив и наградата за животно дело на „Фолкфест Валандово 2026“, која многу ми значи. На тој фестивал се случи мојот пресврт од забавна во народна пејачка и токму на таа сцена се потврдив како интерпретаторка со свој стил, со свој идентитет, со своја препознатливост. Во Охрид, пак, годинава ја исполнив композицијата „По кафани, цели ноќи“ и добив награда за интерпретација. Пред да излезам на сцена, седев сама во просторијата за шминкање и размислував дека цел живот сум без луѓе крај себе во одредени моменти, и во приватниот и во професионалниот живот. Во тој момент доаѓа новинар и ме информира дека група деца сакаат да се сликаат со мене. Велам: „Јас додека не испеам, не доаѓам да се фотографирам“. Тој принцип го негувам уште од работата во Операта, каде строго ни беше забрането да контактираме со публиката пред настап. Откако испеав, излегов и сретнувам шест деца со маички на кои е отпечатен мојот лик. Ги нареков ангели. Како да почувствувале дека се чувствувам осамено и дека ми е потребна нивната енергија. Не постои моја песна што овие деца не ја знаат. Кога ги претставував, реков „ова се деца што ја сакаат македонската песна“, а тие ме коригираа велејќи „ја сакаме и македонската, но најмногу ја сакаме вашата песна“. Има ли поголема награда од тоа? И сега, да се жалам ли на нешто? Не! Јас само се чудам зошто толку Бог ме наградил.
На што размислувате кога сте сами?
Можам да кажам дека сум една многу задоволна жена, мајка и баба. Не мислев дека ќе направам една ваква долга кариера. Сѐ се случуваше како некој да ме води за рака, полека, одбрани песни, текстови, аранжмани, настапи. Има колеги кои имаат тешки моменти во кариерата. За разлика од нив, можам да кажам дека секаде бев добро прифатена, пречекана, исплатена и наградена. Господ ми даде две деца, три внуки и еден внук. Често го прашувам Бог, со што заслужив ваква среќа и му благодарам за тоа. Се молам да ме држи со здравјето, со добрата мисла и со трпението, да светам меѓу луѓето, да ги подигнам колку што можам. Тоа го чувствувам како моја мисија. Сметам дека најважното нешто во животот е човекот да остане запамтен како човек.
Кој ве подигаше кога вам ви беше тешко?
Само Бог. Јас сум голем верник. Потекнувам од побожно семејство и благодарна сум. Татко ми секој ден беше со Библијата, читајќи ни стихови кои ние ги учевме наизуст, секогаш нѐ советуваше дека најважна е вербата во Бога. Тоа им го пренесов и на моите деца и внуци. И утре да заминам, јас знам кај одам, но знам што сум оставила и знам дека никогаш нема да бидат сами. Во моите најтешки моменти, велев „Господе, ти знаеш зошто ова ми се случува. Оставам на тебе, ти и да ме водиш.“ Таа мисла беше моја водилка и моја сила. Сум доживеала многу тешки и непредвидени моменти. И како девојка дојдена од Прилеп во Скопје, без поддршка од роднини и пријатели овде, подоцна и како самохрана мајка сум се соочувала со многу тешки ситуации во специфични средини и од сето тоа сум се извлекла. Не можам да кажам дека сум била многу паметна, туку дека секогаш Бог ми помагал. На сите им порачувам да не замислуваат дека нешто сами постигнале. Јас, јас, па јас. Не! Или ти дал Бог или не.
Имате ли време да им се навраќате на спомените?
Секој ден, утринското кафе го пијам на тераса. Во тие мигови се потсетувам на луѓето кои ми помогнале во животот. Не се многу, но многу сум им благодарна и се трудам да вратам колку што можам. За некои сметам дека не сум им посветила доволно внимание иако тоа го заслужуваат, но во мојата трка и секојдневна борба што ја живеев, тоа беше невозможно. Пред сѐ тука мислам на луѓето кај кои сум престојувала за време на моите турнеи во странство. Во мојата младост работев во Македонската опера и балет, работев со Воениот оркестар, дополнително имав настапи, а и турнеи од една страна, а децата и семејството од друга страна. Се чудам како сум успевала сето тоа да го постигнам. Ѝ се дивам на таа жена што сето тоа го постигнала (се смее). А од оваа гледна точка изгледа многу страшно.
Благодарение на турнеите, пропатувавте низ светот. Помисливте ли некогаш да ја напуштите Македонија и да живеете во некоја друга држава?
Во Австралија ми нудеа да останам да живеам. Во еден момент помислив дека тоа е подобро за моите деца, за нивната иднина. Но, јас ќе умрев ако живеев таму. Си реков поарно моите деца да имаат помалку, но да имаат мајка. Од срце ви кажувам дека јас не можам да живеам на ниедно друго место. Јас сум заљубена во Македонија.
Што е она што сега му дава смисла на вашиот живот?
Најмногу, успесите на моите деца и внуци. Едната внука дипломира музика во Келн, а другата студира глума во Москва. Од страната на ќерка ми, внуката дипломираше информатичка технологија во Скопје, а внукот студира архитектура во Унгарија. Син ми е професор по виолина и диригент, а мојата снаа го подигна нивото на Филхармонијата како концерт-мајстор. Колку повеќе се трудев моите деца да останат тука, тие толку повеќе се „разлетуваа“ низ светот. Но, се вратија. Сега „летаат“ моите внуци, а јас искрено посакувам да се вратат. Ме исполнува тоа што во моето семејство се разговара само за успеси и за гледање напред.









































