Фото: Маја Јаневска-Илиева

До Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Лекарската комора, Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување постојано пристигнуваат претставки од пациенти или од членови на нивните семејства. На што се однесуваат тие и како пациентите да ги заштитат своите права

Болниците се преполни со пациенти и не е само ковид-19 единствен здравствен проблем. Граѓаните притиснати од маката единствено бараат вистински третман, а понекогаш има и ситуации кога изразуваат незадоволство од третманот, од бирократските процедури и администрацијата во здравствените установи итн. Од таму и се наметнува прашањето дали ги знаат пациентите своите права, ги препознаваат ли ситуациите кога тие се прекршени, колку знаат каде да се обратат и колку успеваат во тоа. Токму во однос на овие прашања побаравме одговори од здравствени органи и институции.
– Правата на пациентите се регулирани во Законот за здравствена заштита и Законот за заштита на права на пациенти. При сомнеж или основа за прекршување на правата на пациентите и лекарски грешки, пациентот може да пријави во ДСЗИ. Во врска со прашањето за што и кога најмногу биле прекршени правата на пациентите и колку им е излезено во пресрет надлежно да каже е ДСЗИ. Колку пациентите знаат да си ги заштитат своите права, тешко е Министерството за здравство да даде генерална процена по ова прашање. Во секоја здравствена установа им се истакнати правата на пациентите, доколку сакаат да се информираат – децидни се од Министерството за здравство.
Во Државниот санитарен и здравствен инспекторат кажуваат дека до нив пристигнуваат претставки од пациентите и нивните блиски, и тоа речиси секој ден, а во нив се искажува и незадоволство во третманот на лекување, но додаваат дека најчесто има неосновани поплаки.

– До Државниот санитарен и здравствен инспекторат секојдневно пристигнуваат претставки од пациенти или од членови на нивното семејство. Најчесто претставките се однесуваат на незадоволство од однос на здравствени или административни работници, односно на третманот и лекувањето во одредена здравствена установа. ДСЗИ постапува по сите поднесени претставки во согласност со своите надлежности. Досегашното искуство покажува дека некои од претставките се неосновани. Доколку се работи за незадоволство од спроведено лекување, во согласност со Законот за здравствена заштита, по извршениот вонреден инспекциски надзор ДСЗИ поднесува иницијатива за стручен надзор во Лекарската, Стоматолошката комора или до министерот за здравство – вели д-р Лилјана Коцева од ДСЗИ.
Во Лекарската комора, пак, најмногу претставки има за неинформираност и пристап кон медицинско досие.
– Во Коморaта најмногу претставки има за неинформираност и пристап кон медицинско досие. Здравствената установа е должна да се грижи за заштитата на правата на пациентите, должна е да им дава правни совети и правна помош на пациентите во однос на остварувањето и заштитата на нивните права. Министерството за здравство во здравствена установа во која се сместуваат пациенти назначува советник за заштита на правата на пациентите од редот на вработените во Министерството за здравствo. Пациентот има право на судска заштита за сторена повреда на неговото право на начин и во постапка утврдена со закон – објаснуваат од лекарската комора на Македонија.

На нашето прашање каков вид пријави доаѓаат од страна на пациентите од ФЗО, велат дека има случаи на незадоволство од добиената здравствена услуга, за наплатени дополнителни финансиски средства или поради некоја друга неправилност при давање здравствената услуга, а контролата по претставка се спроведува според Законот за општа управна постапка.
– Најчесто пријавите за мобилна контрола и претставките што се доставуваат од страна на осигурениците за направените неправилности од страна на здравствените установи се однесуваат на: наплата на дополнителни средства, наплата на партиципација спротивно на одлуката за утврдување на висината на учество на осигурените лица во вкупните трошоци за здравствените услуги и лековите, за тоа дека не им се издала потврда (квитанција) за наплатена партиципација, за изборот на матичен лекар, не го направил самиот осигуреник, за необезбедување задолжителна терапија при што се бара од осигурениците сами да си ја обезбедат терапијата, иако таа е дел од основниот пакет на здравствени услуги и е на товар на ФЗО. Имало претставки и за необезбедување потрошен/вграден материјал или лек за време на болничко лекување, при што се бара од осигурениците сами да си ги обезбедат, иако тие се дел од основниот пакет здравствени услуги и се на товар на ФЗО – појаснува м-р Ирфан Лимани, директор на Секторот за комуникации и административна поддршка во ФЗО.

Оттаму додаваат дека во текот на 2019 година, Секторот за контрола постапил вкупно по 48 пријави за мобилна контрола и по 85 претставки, исто како и во 2018 година кога е постапено по 85 претставки, а бројот на мобилни контроли во 2018 година изнесува 34. Подрачните служби на ФЗО во текот на 2019 година имаат постапено по 455 пријави за мобилна контрола и по 81 претставка од осигурено лице, што е во значително помал број од 2018 година, кога било постапено по 189 претставки. Бројот на пријави за мобилна контрола во подрачните служби на Фондот во текот на 2018 година изнесува 159. За 2020 година бројот на претставки и пријави за мобилна контрола не ја отсликува реалната состојба за соодносот на направените неправилности од страна на здравствените установи и направените пријави. Причината за нереалната слика на доставени пријави и претставки наспроти направени неправилности од страна на здравствените установи од ФЗО велат дека е резултат на прогласената пандемија на ковид-19 и вонредната состојба во државата. Посочуваат дека сите неправилности при давање на здравствените услуги од здравствените установи осигурениците може да ги пријават во Фондот за здравствено осигурување на бесплатниот телефонски број 0800 33222 и на е-адресата [email protected], а за своите права и обврски може да се информираат на веб-страницата на Фондот за здравствено осигурување и на веб-страницата на Министерството за здравство.