Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) – Штип соопшти дека го става во мирување работниот однос на двајцата вработени против кои Основното јавно обвинителство – Штип поведе постапка за злоупотреба на службената положба и компјутерска измама. На вработените им е одземен и пристапот до електронскиот систем на Универзитетот, пренесе МИА.
Двајцата се осомничени за манипулации со испитни бодови и оценки, како и за запишување семестри за кои студентите немале исполнето услови.
Од УГД наведуваат дека, согласно законските прописи, работните места на двајцата вработени се ставени во мирување, а целосно им се одземени системските и администраторските привилегии во електронскиот систем за студентски досиеја. Мерката ќе биде на сила до целосно расветлување на случајот.
Универзитетот уверува дека студентските досиеја надвор од случаите опфатени со истрагата не се засегнати.
-Проверката е насочена кон ограничен број случаи поврзани со постапките за запишување на студенти. Во овој контекст сакаме да ја увериме јавноста дека досиејата и евиденцијата на студентите надвор од овие случаи не се засегнати. Сите евентуално нелегитимно внесени податоци од страна на осомничените лица се предмет на истрагата и ќе бидат соодветно процесирани по завршувањето на истрагата од надлежните органи – соопштуваат од УГД – Штип.
Од Универзитетот додаваат дека електронскиот систем располага со дигитални механизми и записи кои ги регистрираат сите интервенции, овозможувајќи лоцирање на евентуалната индивидуална одговорност.
УГД посочува дека останува во целосна и отворена соработка со Основното јавно обвинителство и Министерството за внатрешни работи до конечно расчистување на случајот. Од Универзитетот најавуваат дека нема да коментираат за постапката додека таа е во тек.
-УГД останува посветен на своите темелни академски вредности и знаеме дека решавањето на девијантните појави може да биде тешко, но сме уверени дека тоа е единствено исправно во насока на заштита на квалитетот на високото образование – се наведува во соопштението.
Универзитетот ги повикува студентите, професорите и вработените слободно и анонимно да ги пријавуваат сите сомнежи за евентуална злоупотреба на службената положба. На веб-страницата на УГД се достапни и детални информации за пријавување корупција во високото образование.
На двајцата вработени на 4 ноември им е одредена мерка притвор во траење од осум дена.



































