При акциска сообраќајна контрола насочена кон санкционирање на возачите кои ја надминуваат дозволената брзина, за шест часа биле констатирани 708 прекршоци, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Контролата била спроведена вчера, во периодот од 11 до 17 часот, на територијата на целата држава, од страна на Секторот за сообраќајни работи при МВР.
Од вкупниот број прекршоци за возење со брзина поголема од дозволената, 360 биле регистрирани надвор од населено место, а 348 во населено место.
Во рамки на акцијата биле евидентирани и три случаи на кривичното дело „безобѕирно управување со моторно возило“, согласно член 297-а од Кривичниот законик.
Дополнително, полицијата констатирала 98 прекршоци од друг вид. За сите утврдени прекршоци биле преземени соодветни мерки согласно законските прописи.
МВР најавува дека ќе продолжи со спроведување акциски сообраќајни контроли и апелира до возачите да ги почитуваат ограничувањата на брзината, сообраќајните правила и прописи, како и да возат внимателно и одговорно.
„Секој живот е важен“, потсетуваат од Министерството.


































