Фото : Маја Јаневска Илиева

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Охрид порача дека Алта банка ќе биде спасена и ќе продолжи да функционира, оценувајќи дека неуспехот на банката е сценарио што го посакува опозицијата.

Одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски истакна дека целта на Владата е да се обезбеди финансиска институција која ќе ја преземе банката и ќе овозможи нејзино непречено работење.

– Ќе ја спасиме банката. Тоа е многу важно и за доверителите, но и за луѓето што се во некаква релација со Алта банка – рече премиерот, додавајќи дека опозициските критики ги смета за политичка естрада и фолклор.

Мицкоски посочи дека се согласува Обвинителството да отвори случај и да спроведе истрага, по која ќе се утврдат сите околности. Според него, сопственикот ги исполнил законските услови и критериуми за работа на македонскиот пазар.

Тој нагласи дека Владата не може да одлучува кои компании ќе работат, а кои не, доколку тие ги исполнуваат законските услови, и предупреди дека ограничувањето на деловните активности врз билатерална основа може негативно да влијае врз економските и политичките односи.

Во врска со преземањето на банката, премиерот информираше дека аукцијата се очекува да биде закажана кон крајот на месецов или на почетокот на следниот. Претходно треба да завршат процедурите со регулаторите и лиценцирањето на потенцијалните понудувачи.