Фото: ЕПА

Некои земји членки на ЕУ се соочуваат со невидени нивоа на насилства поврзани со црните пазари на кокаин и канабис. Феноменот на брутално насилство особено е концентриран во фазата на „дистрибуција на дрогата кај конкурентните малопродажни пазари“. Таквото насилство вклучува убиства, мачење, киднапирања и заплашувања и често се случува помеѓу припадниците на криминалните банди и организации и мрежи, но жртви се и невини луѓе. Ваквата појава, според експертите, има сериозно влијание врз општеството како целина, носејќи ја граѓанската перцепција во насока на зголемена јавна несигурност

ПОВОД: НАЈНОВИОТ ИЗВЕШТАЈ ЗА ДРОГА ОБЈАВЕН ОД ЕВРОПОЛ И ЕВРОПСКИОТ МОНИТОРИНГ-ЦЕНТАР ЗА ДРОГИ И ЗАВИСНОСТИ ОД ДРОГИ

Деца пукаат со калашникови. Адолесценти истовараат кокаин од контејнерските пристаништа, а комората за мачење е скриена меѓу контејнерите за испорака. Ова е новата реалност за делови од Европа во кои се забележува рекорден обем на криминални активности поврзани со наркотици што влегуваат и излегуваат од Европа. Пазарот на дрога, кој сега според криминалистите тежи „неколку десетици милијарди евра“, ги охрабрува ривалските криминални банди да се вклучат во брутално насилство во меѓусебните конфронтации. Темната бројка (неоткриените криминални дела) е уште поголема, предупредија минатиот четврток лидерите на европските институции, а пренесува „Политико“.

На територијата на ЕУ се пронајдени логори за мачење луѓе

Трговијата со дрога „вреди“ повеќе од 31 милијарда евра годишно, се наведува во најновиот извештај за дрога објавен од Европол и Европскиот мониторинг-центар за дроги и зависности од дроги (ЕМЦДДА). Според извештајот, најтргувана дрога во Европската Унија е канабисот, во вредност од 12 милијарди евра годишно. На второто место е кокаинот, со околу 11,6 милијарди евра. Според двете агенции, повеќето насилни инциденти се поврзани со кокаин и канабис, пренесуваат агенциите.
Алексис Гуздел, директор на ЕМЦДДА, рече дека Европа сега гледа нивоа на насилство поврзано со дрога слични на оние во Централна Америка.
– Тоа е дел од секојдневието во Европската Унија – рече тој.
Извршната директорка на Европол, Катерине де Бол, вели дека на територијата на ЕУ се пронајдени дури и маченички комори.
– Никогаш порано не сме го виделе тоа. Тоа беше случај во Латинска Америка, но не и во ЕУ – рече таа.
Де Бол не прецизира за што станува збор, но „Политико“ укажува дека во извештајот е објавен случај со откривање контејнер за мачење во Европа, во близината на пристаништето во Ротердам во 2020 година. Неколку мажи беа осудени на затвор за нивната вмешаност во случајот.
Крис Далби, директор на холандската консултантска фирма „Ворлд оф крајм“, изјави дека иако е „невозможно да се знае“ дали има маченички комори на друго место во Европа, овој случај „секако претставува повик за будење во приказната за подемот за разбивање на наркобандите во Европа“.
Возраста на работниците вклучени на нелегалните пазари е исто така причина за растечка загриженост. Бандите во Марсеј сè почесто вработуваат тинејџери како набљудувачи на движењето на полицијата или за продажба на дрога, што доведува до тоа децата да се убиваат меѓусебно со калашникови. Властите во пристаништата во Антверпен и во Ротердам фатија десетици тинејџери како заработуваат пари при истовар на кокаин од контејнери за транспорт.
– Со такви приходи живеат цели семејства – изјави Де Бол од Европол.

Разните облици на криминал, плус корупцијата во пакет, имаат силен корозивен ефект врз структурата на општеството

Корупцијата е исто така исклучително сериозна закана во Европската Унија бидејќи криминалните мрежи се потпираат на неа на сите нивоа на пазарот на дрога за да ги олеснат нивните активности и да ги ублажат ризиците. Корупцијата има корозивен ефект врз структурата на општеството, поткопувајќи ги безбедноста и владеењето на правото.
Во извештајот се наведува дека дополнителна загриженост предизвикува фактот што криминалните мрежи што работат на пазарот на дрога во Европската Унија се многу приспособливи, иновативни и отпорни на глобални кризи, нестабилност и значајни политички и економски промени.
– Криминалните мрежи го заразија самото јадро на нашите заедници, пробивајќи го својот пат низ структурата на нашата демократија и економија. Тие ја нагризуваат довербата, поттикнуваат насилство и создаваат циклуси на зависност и сиромаштија. Потребен е внимателен, унифициран одговор за да се заштитат нашите граѓани и општество од продорното влијание на овој невидлив непријател. Користејќи го Европол, земјите членки на ЕУ можат да ги здружат ресурсите, да разменуваат криминални разузнавачки информации и да ги координираат акциите во борбата против илегалната дистрибуција на дрога – рече Де Бол.
Де Бол истакна дека инспекторите идентификувале околу 800 криминални групи што ја загрозуваат безбедноста на државите, додавајќи дека дрогата е еден од главните извори на приход за организираниот криминал. Според извештајот, Европа е клучна за производство, снабдување и трговија со дрога.
Експертите посочуваат дека во Европа има големо производство на канабис и синтетички дроги, како и големо количество кокаин шверцуван од Латинска Америка.
– Иако во изминатите десет години е запленето многу повеќе кокаин отколку порано, тоа исто така доведе до поголемо насилство во некои градови – рече Де Бол, предупредувајќи уште еднаш дека конфликтите меѓу бандите се во пораст.

Краток пресек на извештајот на Европол и Европскиот мониторинг-центар за дроги и зависности од дроги

Пазарот на недозволени дроги, контролиран од криминални мрежи, претставува сериозна безбедносна закана за Европската Унија. Тоа ги загрозува јавното здравје и безбедноста со поттикнување екстремно насилство и корупција и поткопување на самата структура на општеството, демократијата и владеењето на правото.
Зголемената разновидност и комплексноста на пазарите на дрога во ЕУ исто така претставуваат ново ниво на предизвици, кои бараат сеопфатен европски систем за предупредување за подобрување на одговорите и спречување на ситуацијата од ескалација.
Пазарот на дрога во ЕУ покажа извонредна отпорност на глобалните кризи, нестабилноста и значајните политички и економски промени. Неодамнешни примери за такви шокови ги вклучуваат пандемијата на ковид-19, војната помеѓу Русија и Украина и доаѓањето на талибанците на власт во Авганистан.
Како одговор, криминалните мрежи се адаптираа, се менуваа патиштата на транспорт на дрогата и се диверзифицираа нивните методи.
Истовремено, овие случувања влијаеја на појавата на нови пазари и во некои случаи се чини дека ги променија преференциите на потрошувачите.
Нелегалните пазари на дрога и реалната економија се вкрстуваат на многубројни значајни начини. На пример, криминалците ја искористуваат комерцијалната инфраструктура за транспорт на дроги и користат дупки во законодавството за пристап до хемикалии за производство на недозволени дроги. Овие расчекори во регулативата се видливи и на пазарите за канабис и опиоиди, каде што некои производи се легално достапни за медицинска употреба. На пример, легалното одгледување индустриски коноп и ЦБД (канабидиол) лесно може да се искористи за производство на забранети производи од канабис.
Некои земји членки на ЕУ се соочуваат со невидени нивоа на насилство, често поврзано со пазарите на кокаин и канабис. Се чини дека ова е концентрирано на дистрибуцијата на дрогата и кај конкурентните малопродажни пазари. Таквото насилство вклучува убиства, мачење, киднапирања и заплашувања и често се случува помеѓу криминални мрежи, иако жртви се и невини луѓе. Ова има сериозно влијание врз општеството како целина, зголемувајќи ја перцепцијата на јавна несигурност.
Иновацијата во производството на недозволени дроги резултира со зголемена моќ или чистота и поширок асортиман на производи за широка потрошувачка. Криминалните мрежи продолжуваат да воведуваат нови хемикалии за производство на синтетички дроги, што претставува сложен предизвик за нивно откривање и соодветно санкционирање.
Иновациите во хемиското прикривање лекови исто така значително го отежнуваат откривањето на дрогата. Криминалните мрежи ги користат дигиталните алатки и технолошките можности за да реализираат недозволена комуникација, а со тоа и да ја подобрат дистрибуцијата на дрога. Пример за тоа е неодамнешниот пораст на употребата на социјалните медиуми и апликации за инстант пораки за продажба на наркотици.

[email protected]