Фото: ЦУК

Тетовската полиција информира дека по излетување на возило во реката Вардар кај Желино почната е потрага по луѓе во водотекот. Околу 11.30 часот во СВР Тетово било пријавено дека патничко возило излетало од коловозот на мостот во тетовско Желино, и паднало во водите на реката Вардар.

– Констатирано е дека во реката Вардар е паднато возило „фолксваген голф 4“, со кумановски регистарски ознаки. Во возилото кое е пронајдено и ќе се извлекува од реката, засега не се пронајдени лица. На самото место се јавен обвинител, увидна екипа од СВР Тетово и други полициски службеници, кои ги пре баруваат водите на реката, а повикани ќе бидат и нуркачки екипи од МВР со цел да се пронајде возачот на возилото и евентуално други сопатници. Се расчистува и документира случајот – информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Фото: ЦУК

Центарот за управување со кризи за истиот случај информираше дека возилото со помош и поддршка од градежни машини е извлечено надвор од длабоките води на речното корито.

– Поради брзината, длабочината и заматеноста на водата, возилото во еден дел од речното корито е носено по течението, но за кратко време пропаднало во природен јаз и визуелно не се гледало. Во моментот не може да се одреди дали во возилото имало луѓе и каква е состојбата со нив. Оперативниот центар на ЦУК веднаш оставри комуникација и координација со МВР – СВР Тетово, ТППЕ Тетово, Брза помош Тетово и ДЗС. МВР веднаш испратија нуркачки екипи од специјалната единица и тие се веќе на пат кон с.Желино, додека Дирекцијата за заштита и спасување праќа сопствени екипи за спасување од поплави кои се со седиште во Велес – велат од ЦУК.