Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев испрати писмо со честитки по повод празникот Курбан Бајрам до сите верници со исламска вероисповед во Република Македонија.

Во писмото упатено преку претседателот на Исламската верска заедница, господин Реис Ул Улема, Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи, и до членовите на Ријасетот на ИВЗ, премиерот Заев, соопшти владината служба за информирање, на сите припадници на исламската верска заедница им посакува среќни празнични денови, со срдечни желби празникот да помине во благослов, во добро расположение и во добро здравје.

– На сите припадници на Исламот Курбан Бајрам да им донесе мир, спокој и бериќет. Овој голем празник нé потсетува дека добрината треба да биде наша водилка. Нé потсетува дека во животот зад нас треба да оставиме длабоки траги на добрина кон сите во општеството и кон оние на кои им е најпотребна нашата помош. Деновите на Курбан Бајрам се денови кога се потсетуваме на вредностите што празникот ги слави и возвишува, како што е помагањето и солидарноста со пријателите, со соседите, со сите коишто се околу нас – се посочува во писмото со честитки.

Празникот Курбан Бајрам порачува и да ја негуваме добрината кон другиот, добрината кон различните. Тоа е порака водилка и за сите нас граѓаните на Република Македонија за да продолжиме заеднички да ја зајакнуваме нашата општествена заедница како едно општество за сите, како единствен пат кој води до наш заеднички дом, во кој секој граѓанин има еднакви услови за живот, среќа и реализација на сопствените амбиции“, истакнува во честитката Заев, со желби за многу радост, духовен мир и топлина во домовите на сите припадници на исламската вера во овие празнични денови на Курбан Бајрам.

Претседателот на Собранието Талат Џафери од негово име и од име на пратениците денеска до граѓаните од исламска вероисповед упати четитка по повод Курбан Бајрам.

Џафери во честитката потенцира дека големиот муслимански празник, Курбан Бајрам, е празник кој ја симболизира индивидуалната и колективната солидарност и сочувство кон најблиските, кон соседите и кон луѓето кои се помалку среќни од нас.

– Овој празник е празник на меѓусебната хармонија, взаемната почит и разбирање, меѓутоа и ден за изразување благодарност за сето тоа што со што сме благословени и што е дел од нашиот секојдневен живот. Посакувам овој празник да ве најде во добро здравје, во благосостојба во вашите домови и топлина во семејниот круг. Исто така, посакувам хармонијата и разбирањето да владеат помеѓу сите граѓани на Република Македонија, без оглед на етничката, верската или политичката припадност. Заедно, да градиме држава која ќе биде вистински дом со еднакви демократски права, стандарди и вредности за сите наши граѓани – се наведува во честитката од претседателот на Собранието Џафери до граѓаните од исламска вероисповед.

Претседателот Ѓорге Иванов по повод верскиот празник Курбан Бајрам упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи и до граѓаните од исламска вероисповед.

– Големите верски празници се мигови кога ги истакнуваме вредностите на заедништво и почит. Македонија е земја која има вековна традиција на соживот помеѓу различни верски заедници. Почитувајќи ги верските разлики, упатуваме силна порака на градење на соживот и меѓусебно разбирање, бидејќи само така, сплотени и единствени ќе успееме да изградиме посветла иднина за сите граѓани на Република Македонија, пишува Иванов во честитката.