Утре, на владина седница, ќе се донесе одлуката за тоа колку ќе трае полицискиот час за време на првомајските празници. Ставот на министерот за здравство, Венко Филипче, е дека повторно, како и за време на велигденските празници, целиот викенд треба да биде затворен, односно да има полициски час од петок до понеделник.

– На утринскиот состанок на штабот јас го изнесов мислењето, а тоа е мислење и на Комисијата за заразни болести, која со консензус смета дека викендот треба да биде целосно затворен, како што беше за Велигден, односно од петок до понеделник. Во меѓувреме, видов некои реакции на министерот Чулев, но сметам дека овде не треба да станува збор за какво било лично мислење, став или желба, туку мислењата се темелат на стручните сознанија на Комисијата за заразни болести. Така функциониравме досега. Секако дека граѓаните не сакаат да седат дома, кој би сакал да седи дома затворен 3 дена, но има причина зошто е тоа така предложено – вели Филипчe.

Овој предлог за целосно затворен викенд од петок до понеделник ќе се разгледа на утрешната седница на Владата, каде што ќе се чујат мислењата на сите министри по што јавноста ќе биде известена, рече Филипче.