Русија го очекува врвот на епидемијата на коронавирус за три недели, изјави денеска во интервју портпаролот на претседателот Владимир Путин.

– До средината на мај, веќе треба да стигнеме до врвот. После тоа, во текот на првиот летен месец (јуни) би требало да биде подобро – рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за весникот „Аргументи и факти“.

Во Русија, се заразени повеќе од 87.000 лица. Бидејќи минативе недели беше забележано експоненцијално зголемување на бројот на заразени, руските власти воведоа строги мерки за карантин низ земјата.

Руската војска пријави скоро 900 случаи на коронавирус во своите редови, објавија државните медиуми во неделата, повикувајќи се на Министерството за одбрана. Само четворица се во критична состојба, се вели во извештајот.

Додека бројот на заразени во Русија е еден од највисоките во светот, има релативно малку смртни случаи. Според официјалните статистики, до денеска се регистрирани 800.

Во земјата се направени повеќе од три милиони тестови.