Фото: Принт-скрин

Граѓаните кои не се согласуваат со новите предлог-мерки предложени од Комисијата за заразни болести протесираа вечерва пред Собранието. Говорниците на протестот се пожалија на загрозување на човековите права бидејќи немаат избор, а можеа да се слушнат и пораки против вакцините, како и одредени теории на заговор. На протестот имало неколку стотини луѓе, според проценките на медиумите.

Комисијата за заразни болести ѝ предложи на Владата да донесе одлука во јавниот сектор да биде задолжително да се покаже сертификат за примена барем една доза вакцина против ковид-19 или негативен ПЦР тест не постар од 72 часа направен на трошок на вработениот, при доаѓање на работа. Оние што биле заразени од ковид-19 ќе може да покажат доказ за прележаност, не постар од 45 дена од денот на оздравувањето. Овие прописи нема да важат за лицата кои имаат лекарска потврда дека не смеат да примат вакцина. Владата треба да одлучува за предложените мерки наредната недела.