Рускиот претседател Владимир Путин изрази надеж дека Светската здравствена организација (СЗО) наскоро ќе ја одобри вакцината против коронавирус „спутник В“.

Тој додава дека овој потег е суштински за зголемување на глобалните акции.

Во разговор со претседателот на Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина, Франческо Роко, Путин рече дека е неопходно одобрение од СЗО за Русија да им помогне на другите земји, меѓу другото и за бесплатно испорачување на вакцината.

– Ние имаме намера да ја прошириме таквата помош – рече Путин.

Одобрувањето на СЗО би било знак за меѓународна доверба во вакцината по ригорозниот процес на тестирање и би можел да го отвори патот за вклучување на вакцината во програмата „Ковакс“, при што агенцијата на ОН и клучните партнери испраќаат вакцини против ковид-19 во десетици земји низ целиот свет.

Рускиот лидер исто така рече дека одобрението на СЗО ќе им овозможи на Русите и на другите кои ја примиле вакцината слободно да патуваат, а ги има околу 200 милиони ширум светот.

Путин, кој постојано повторуваше дека вакцинацијата треба да остане доброволна и покрај зголемувањето на бројот на инфекции во Русија, денеска нагласи дека властите користат „убедување, а не притисок“ и се борат против предрасудите и митовите кои предизвикуваат аверзија кон вакцинацијата.