Во Италија од денеска стапија на сила построги мерки против коронавирусот, со кои невакцинираните лица ќе бидат исклучени од многу јавни активности, па нема да можат да користат и јавен превоз без ковид-потврди.

Само оние кои се вакцинирани или го прележале коронавирусот ќе можат да јадат во ресторани, да одат во кино, да излегуваат во клубови и да гледаат фудбалски натпревари на стадионите.

Владата на премиерот Марио Драги донесе нови правила кон крајот на ноември и истите ќе останат на сила до 15 јануари.

Правилата важат и за користење на јавен превоз и хотелско сместување.

Од понеделник ќе се бара зелен ковид-сертификат за влез во метро, ​​автобус и меѓуградски воз.

Мерките не се однесуваат на деца до 12 години бидејќи се уште не можат да се вакцинираат. Но, според владините планови, вакцинирањето би можело да започне на 16 декември.

Задолжителните вакцини на училишниот персонал, полицајците и војниците ќе почнат на 15 декември. Вакцинацијата на вработените во здравството е задолжителна од април.