Фото: Твитер

Најмалку две лица беа повредени откако полицијата во холандски Ротердам испука предупредувачки истрели за време на вчерашниот протест против превентивните мерки, пренесуваат светските медиуми. Тамошната полиција изнесе дополнителни сили на улиците, како и водени топови, со цел да ги спречи протестите.

– Протестите резултираа со немири. Имаше запален оган на повеќе локации, беше испукан огномет и полицијата упати неколку предупредувачки истрели – соопшти преку Твитер локалната полиција.

Најмалку 20 луѓе беа уапсени во текот на вечерта која градоначалникот на Ротердам ја оквалификува како „оргија на насилство“.

– Испукавме предупредувачки истрели, а имаше и директни истрели бидејќи ситуацијата беше животнозагрозувачка. Знаеме дека најмалку две лица се повредени, веројатно како резултат на предупредувачките истрели, но мораме дополнително да ги истражиме овие случаи – кажа гласноговорничката на полицијата Патриција Веселс во изјава за „Ројтерс“.

Во немирите во Ротердам учествуваа неколку стотици демонстранти кои палеа автомобили и фрлаа каменици, со што и неколку полициски возила беа оштетени. Јавниот сообраќај беше затворен, а полицијата им нареди на луѓето да се вратат во своите домови.

Во Холандија беа воведени нови мерки минатиот викенд кои е предвидено да траат три недели, со цел да се сузбие ширењето на коронавирусот, но државата и натаму бележи рекордни нивоа на новозаразени. Незадоволството во Ротердам се должи на најавата за воведување на ковид-сертификат, како и на забраната на огномет за време на претстојната новогодишна вечер, исто како што беше случај и лани.