Европската Унија не смее да ја повтори грешката на Хитлер

Сине, ако не заспиеш, ќе дојде Баба Рога.
Гајле ми е! НАТО ми ги чува соништата. Така нè учеше учителката.
Да, ама ќе дојде Апасиев и соништата ќе ти ги претвори во кошмари.
Во декември влегуваме во ЕУ, па тие ќе го затворат Димче.
Е, од кај знаеш дека во декември влегуваме во ЕУ?
Мите што седи со мене ми кажа. Неговиот татко е полицаец, тој му кажал. А нему му спомнал Кастриот во станица. На Кастриот му рекол Руте. На Руте му потврдил Бајден.
А ха, а Русјаков го знаеш?
Го знам, Русјаков е Дедо Мраз.
Е па, не е веќе Дедо Мраз. Наместо бела брада, сега има црни руски пари. Заедно со Русите ги изедоа ирвасите. Подароците што беа наменети за американските и европските дечиња им ги дадоа на талибанци и Кинези. Талибанците ги каменуваа играчките. Кинезите направија супа од нив. Тој сега стана Дедо Омраз, зашто е полн руска омраза кон евроатлантски настроените дечиња. Затоа, легнувај, да не дојде Русјаков и да почне со руски бајки.
Страв ми е од руски бајки, сакам да ми читаш статии од ИФИМЕС.
Вистина. Вчера ми „легнаа“ црни руски пари. Поцрни од црниот човек на Есенин. Повалкани од газот на Воланд. Црни руски пари за антиевроатлантски кампањи. Со тие пари ќе собирам заблудени мртви души. Ќе си играм војна и мир. Сакам европските вредности да паѓаат како бабички од прозорци. И моќното НАТО да го сведам на циркус Принтипрам. Жими Данил Хармс!

Ама нека остане ова меѓу нас. Се плашам да не дознаат оние од „Цивил“. Може поради црни руски пари да ме стави меѓу свои редови. Платени од бели американски пари. Страв ми е да не дознаат Денко, Тричко, Ерол, Ордановски, свежата млада крв на прогресивните европски вредности. Тие уште во време на Тито, УДБА, пионери, пионерки, бубачки скриени по ѕидови и црвенобуржоаски ѕверки беа за ЕУ, НАТО и капитализам, па поради моите црни проруски ставови може да ме стават на столб на срамот. Цвикам и од Телма. Не дај боже, утре да треба да им се јават од ЕУ за да им кажат дека им е одобрено продолжување на датумот што еднаш го добија, ама тоа ќе се одложи додека ретроградни проруски елементи како Русјаков шетаат по колумни антиевропски глаголи како да се домашни миленичиња. И оп, ете ме мене во монолог на Боби како осомничен за неуспешниот референдум, кој, всушност, беше успешен ако се земат предвид гласовите на прогресивните срца заспани во Брисел, Вашингтон и други елитистички јавни тоалети.
Ама најмногу се плашам од ИФИМЕС. Тоа ви е оној моќен словенечки институт што и во „Бели мугри“ може да открие црни руски пари. Тие само треба да спроведат детална истрага. И ете го Рацин обвинет како проруски антиевропски елемент на тогашната модерна и прогресивна фашистичка мисла. Па, нормално, пробал да направи македонска азбука, а не да ја прифати постојната бугарска. Затоа не кажувајте наоколу што сум ви открил тука во доверба. Може ИФИМЕС да дознаат дека сум полн ко брод со црни руски пари како албанска опозиција чии срца спијат во Москва и Санкт Петербург. Ако дознаат, нема да можам да скокнам до Љубљана да потрошам дел од тие црни руски пари. Сакам да си купам словенечки халуциногени печурки. И јас да бидам прогресивен.
А Европската Унија не смее да ја повтори грешката на Хитлер. Адолф почна многу жестоко. На 6 април го бомбардира Скопје. На тој начин не ги придоби симпатиите на Македонците. Иако денес гледаме дека на многу политички креатури, предците им биле љубовни кон тогашниот прогресивен фашизам. Но жестокоста на Хитлер оддалечи многу Македонци од неговата прогресивност.

За разлика од него, Европската Унија, педесет години подоцна, започна добро. Извади Лисабонска декларација. Во неа пишуваше дека држава со име Македонија не смее да има. Па тераше солидарност со Грција и му го одзеде на македонскиот народ основното човеково право да се нарекува како сака. Потоа следуваа лажни ветувања, на кои ни самите ЕУ-бирократи не веруваа. Само сменете име, заборавете на антиката и ние ќе ве примиме кај нас, а потоа сè ќе ви биде бесплатно, ќе тече мед и млеко, сонцето ќе изгрева на Запад.
Хитлер се соочи со многу пожилави и поинтелигентни Македонци. ЕУ има среќа што сегашниве, истренирани на комформизам и сеирење, се многу покилави од своите предци. За разлика од Хитлер, кој непотребно се расфрлаше со насилство, Унијата го постигна тоа што го сакаше со лажни ветувања и двојни стандарди, па Македонците станаа Нордистанци без длабоки историски корени. Сега само треба да прифатат дека се Бугари и ЕУ-мисијата, уништување на Македонците, ќе биде успешна.
Е, тука не смеат да ја повторат втората грешка на Хитлер. Тој предоцна му понуди на Ванчо Михајлов влез на Македонија во елитниот прогресивен наци-клуб. Ванчо Михајлов е ликот што го сведе ВМРО од револуционерна организација на италијанска мафија. Лик што денешниве комуњари нонстоп го цитираат и му тераат агенда. Како и да е, Ванчо го одби Хитлер знаејќи дека овој ја губи војната. ЕУ не треба да згреши како својот предок и да доцни, веднаш треба да го прими Нордистан кај себе. Без датуми, без преговори. Нордистан сè ќе прифати, оти нема политичка страна, ни народна волја што ќе им покаже среден прст на ЕУ-безумниците. Нордистан е подготвен да си отсече раце до лакти за да ја фаќа Европската Унија за цицки. Затоа ЕУ треба веднаш да ја согледа оваа состојба на безумност и веднаш да ги прими Нордистанците кај себе. Ќе си добие приватен логор во свои граници.

Орвелов полигон. Може да си врши какви сака експерименти внатре во него, оти кој народ дозволил да му смениш име за да не плаќа радиодифузна такса, што сакаш може да правиш со него. И не треба ништо да им се дава на Нордистанците. Само лажни ветувања. Тие се научени да живеат на приказни за светла иднина. Патем, ЕУ ќе си ја задржи својата омилена власт што сама ја постави. Тие сега ги срамат кај ќе стигнат, но кога ти се дома, друго е. Најважното е што со примањето на Нордистан, ЕУ веќе нема да мора да прави будала од себе. Нема да мора да прогласува пропаднати референдуми за успешни или да ѝ биде валкано името при уценување и киднапирање пратеници, но и да не ѝ се злоупотребува репутацијата во име на криминал, корупција и отстрел на неистомисленици во кои сега Унијата учествува, ама се прави наудрена. На крајот на краиштата, како што Хитлер сакаше физички да ги истреби Евреите, така ЕУ сака идентитетски да ги снема Македонците. Полесно ќе им биде тоа да го спроведат земајќи ги кај себе. Така ќе покажат дека се поуспешни од фирерот, нивниот учител.