Коронавирусот предизвика смрт на 4.300 лица во светот, а повеќе од 66 илјади луѓе што беа заболени – оздравеа. Јакоб Таге Рамлинг, Нил Монро, Ребека Фрејзур, Карл Голдман, Ли Тинг, Стив Волш, Конор Рид, Хаимунаи Се-унг се само некои од оние што го прележаа вирусот и сега ги споделуваат своите искуства.

Јакоб Таге Рамлинг (45) е првиот Данец позитивен на коронавирус, а се заразил по одморот во Северна Италија.
– Имав благи симптоми, главоболка, болка во грлото и кашлица. Сѐ ми мина по 5-6 дена, не бев во болница, ниту пак примав некакви лекови – раскажа тој за „Ројтерс“.

Шпанецот Нил Монро (22) бил во Милано на Неделата на модата, а кога се вратил во Барселона открил дека е позитивен на коронавирус. Своето искуство реши да го сподели со јавноста за да порача дека симптомите можат да бидат многу лесни.

– Малку повисока температура, главоболка, општ впечаток на непријатност. Секој би помислил дека тоа е обична настинка – рече тој.
Монро додава оти би сакал да ги смири луѓето.

– Ако сте млад следете ги препораките на надлежните, а ако сте постар или лице со некоја болест што ја имате од порано, бидете внимателни. Не одете на настани со многу луѓе и добро внимавајте на хигиената – советува Монро.
Американката Ребека Фрејзур (35) се заразила со вирусот на крузерот „Дајмонд принцес“.

– Се чувствував во ред, освен помалата кашлица што ја влечев. Немав ниту температура. Веројатно не ќе ни знаев дека сум заразена ако не ме тестираа. Кога бевме на Тајван, за кратко излеговме на копно, а кога се вративме на бродот, почувствував мала мачнина, но никогаш не би го поврзала тоа со болеста. Мислев дека е нешто привремено, а не вирус, особено не коронавирус – раскажува таа.

На работа требало да се врати на 17 февруари, а наместо тоа останала изолирана во болничка соба во Токио од 6 февруари до 4 март.

Американецот Карл Голдман (67) од калифорниското гратче Санта Кларита, исто така, се заразил со коронавирусот на крузерот „Дајмонд принцес“, кој две недели беше закотвен во Јокохама од безбедносни причини.

– Од симптомите ми се појави само сува кашлица, која трае и понатаму. Тоа е единственото што ме потсетува дека сѐ уште го имам вирусот – рече Карл.

Студентот од Вухан, кој се претстави како Тигер Је (тоа не му е вистинското име), рече дека за него заразата со вирусот била како ноќна мора. Се посомневал дека е заразен, кога почувствувал толкава слабост што не можел да ја доврши вечерата. Кога ја измерил температурата, видел дека е зголемена.

– Ме пратија дома, бидејќи симптомите не беа силни. Но добив висока температура и ме болеше секој дел од телото. Кашлав толку многу што мислев дека ќе умрам – изјави Је.

Тој имал температура од 39 степени. Лекарите му дале комбиниран лек што се користи за лекување ХИВ.

Кинеската медицинска сестра Ли Тинг се заразила со вирусот негувајќи ги пациентите во болницата во Вухан, а нејзиниот сопруг на Јутјуб го објавуваше серијалот „Нашата приказна за коронавирусот“, во кој детално го прикажуваше животот во изолација.
И шпанскиот новинар Кике Матеу (44) се заразил со коронавирус и тоа во Милано, известувајќи од осминафиналниот натпревар во Лигата на прваците на УЕФА меѓу Аталанта и Валенсија на 19 февруари.

– Вирусот е многу отпорен и повторно сум позитивен. Заразен сум веќе 21 ден, а од тоа 16 дена сум хоспитализиран. Се надевав дека денеска ќе излезам, затоа ова беше тежок удар за мене – напиша тој на Твитер.

Британецот Стив Волш (53) се заразил со коронавирусот на конференција во Сингапур, па, така, стана суперширител бидејќи во периодот на инкубацијата заразил 11 лица.

Конор Рид (25) од Ландудно во Северен Велс работел во училиште во Вухан и стана првиот Британец за кој се знае дека бил заразен со вирусот ковид-19.
– Беше тоа на 25 ноември, имав чувство дека сум закачил некоја настинка. Неколку дена подоцна состојбата ми се влоши. Се разбудив со температура, кашлав и решив да не одам на работа неколку дена – рече Конор.

Хаимунаи Се-унг (72) е првата Тајланѓанка на која ѝ е дијагностицирана инфекција со коронавирус откако се вратила од посета на Вухан.

– Бев шокирана кога се утврди дека сум заразена бидејќи бев во Вухан со голема група луѓе. Отпатував на 25 декември и се вратив на 3 јануари. Се чувствував исцрпено, но мислев дека е затоа што многу пешачев обиколувајќи го Вухан. Тогаш претпоставив дека би можело да биде нешто поврзано со срцето. Малку ми се вртеше и го загубив апетитот. Ме болеше додека дишев. Но по три дена во болница, каде што примав терапија, состојбата ми се подобри па веднаш барав да си одам дома – раскажа таа. М.В.