Ригидните економски политики тотално го задушија стопанството - Фото: Игор Бансколиев

Тесноаголниот визир на Европската централна банка (ЕЦБ) во делот од монетарната политика за борба против инфлацијата ја покажува својата неефикасност

Од одлуката на Европската централна банка (ЕЦБ) во септември, за ново евентуално затегнување на каматната политика, ќе зависат и следствените чекори на Народната банка на Македонија (НБРМ), која во изминатиот период доследно ги следеше мерките на европската монетарна политика и зголемувањето на каматните стапки. Економистите предупредуваат дека треба да бидеме загрижени од идните текови на периодите на отплата на износите за задолженост кај фирмите, односно бизнисот и граѓаните

Пред Европската централна банка (ЕЦБ) останува период од две недели за преиспитување на нејзината досегашна монетарна политика на зголемување на каматните стапки заради справување со растот на цените и остварување на главната цел за намалување на инфлацијата на два отсто на годишно ниво. Ефектите од ваквата рестриктивност во една кратка и резимирана форма се следниве: Изгледите за раст во еврозоната се послаби отколку што беа очекувањата во јуни, додека базичната инфлација останува „тврдоглаво висока“. Растот на цените во Германија забавува помалку од очекуваното, додека во Франција и Шпанија има забрзување! Годишната стапка на инфлација во еврозоната за минатиот месец е проценета на 5,3 отсто, со што таа остана непроменета во однос на јули годинава, соопшти вчера Европската статистичка служба „Евростат“. Базичната инфлација е на високо ниво од пет отсто, економијата во еврозоната порасна за „безначајни“ 0,3 отсто во трите месеци до крајот на јуни во однос на претходниот квартал, со пад или стагнација во претходните два квартала. Прогнозите се дека економијата во ЕУ ќе падне за 0,2 отсто во третиот квартал од годинава.

Ризикот од длабока и болна рецесија расте: Поради високите камати, кредитирањето пресушува и има забавување на економската активност

Одлуката на ЕЦБ ќе треба да биде донесена во период кога расте загриженоста кај многу економисти и бизнисмени дека Европа се соочува со стагфлација – комбинација од слаба економска активност и висока инфлација. Ослабената економска моќ влијае(ше) и на вредноста на еврото во однос на доларот. Сè повеќе членови на советот на ЕЦБ велат дека инфлацијата веќе забавува и дополнително го зголемува ризикот од предизвикување непотребно болна рецесија. Инфлацијата од 5,3 отсто во јули сѐ уште е далеку од поставената цел, а одлуката за олабавување на монетарната политика може да зависи од тоа колку е забавена инфлацијата во август.

Исто така, паричната маса е еден од главните индикатори што ги следи Европската централна банка при затегнувањето на монетарната политика. Поради високите камати, кредитирањето пресушува и се очекуваат забавување на економската активност и намалување на инфлаторните притисоци. Паричната маса во еврозоната се намали за првпат од 2010 година, бидејќи кредитирањето на приватниот сектор стагнира и депозитите паднаа. Како резултат на тоа, економистите предупредуваат дека финансискиот притисок дополнително ќе се влоши во иднина. Главната причина за првиот пад на паричната маса беше забавувањето на годишниот раст на кредитирањето на приватниот сектор на 1,6 отсто во јули. Годишниот раст на банкарското кредитирање продолжува брзо да опаѓа.
– Тоа се должи на силниот пад на кредитирањето на деловниот сектор и постојаниот надолен тренд на кредитите на населението, кои главно се хипотекарни – коментира Берт Кохлајн, економист во холандската банка ИНГ.

Наедно, бизнисите и домаќинствата со рекордно темпо вадат пари од депозитите прекуноќ и тие паднаа за 10,5 отсто заклучно со јули.
– Неодамнешните случувања покажуваат дека изгледите за раст се послаби од предвидените во основното сценарио, дека основните ценовни притисоци остануваат тврдоглаво високи и дека домашните фактори сега се главните двигатели на инфлацијата во еврозоната – изјави Изабел Шнабел, членка на Извршниот одбор на Европската централна банка.

И потрошувачката се намалува

Од одлуката на ЕЦБ ќе зависат и наредните чекори на Народната банка на Македонија, која во изминатиот период доследно ги следеше европската монетарна политика и зголемувањето на каматните стапки. Во јули 2023 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесува 5,49 отсто, што претставува месечен и годишен раст од 0,37 п.п. и 1,16 п.п., соодветно. Истиот месец просечната каматна стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор е зголемена за 0,50 п.п. на месечна основа и изнесува 5,36 отсто. Нагорната промена е резултат на растот кај сите компоненти: каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,87 п.п.), каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,55 п.п.) и каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,38 п.п.). На годишна основа, каматната стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор бележи раст од 1,83 п.п. Кај каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор е забележан месечен раст од 0,49 п.п. и изнесува 5,75 отсто.

Кај домаќинствата каматната стапка на вкупните кредити во јули е 5,61 проценти, со месечен раст од 0,26 п.п., кој се должи на зголемувањата на стапките што се пресметуваат на денарските кредити без и со валутна клаузула и на девизните кредити. На годишна основа, растот е 0,53 процентни поени. Во јули 2023 година, каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата изнесува 5,61 отсто и забележа месечен раст од 0,26 п.п. Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата во јули изнесува 5,32 отсто.
– Од официјалните извештаи на монетарците се заклучува дека граѓаните должат кај банките, заклучно со јули 2023 година, износ од 3,6 милијарди евра, додека фирмите се нешто помалку задолжени или 3,4 милијарди евра. Заедно формираат една висока бројка од 7 милијарди евра. Вкупната актива на сите 13 комерцијални банки во македонскиот монетарен систем изнесува нешто над 11 милијарди евра. Од ова, вкупната задолженост на граѓаните и фирмите е околу 63 отсто од вкупната актива на ниво на банкарски сектор. Значи, ни претстои тешка финансиска година, како и таа по неа. Практично, на тест се става издржливоста на домашните компании во периодот што следува – изјави проф. д-р Синиша Наумоски, извршен директор во АБИТ.

Тој во својата неодамнешна економска анализа забележа дека „треба да бидеме загрижени во идните текови на периодите на отплата на износите за задолженост кај граѓаните и фирмите. Имено, износот од 3,6 милијарди евра во наредните години, а во согласност со договорот за периодот на враќање кај банката, граѓаните ќе го враќаат со повисока каматна стапка.
– Исто така, ова важи и за стопанството. Фирмите во иднина ќе мораат да враќаат износ од 3,4 милијарди евра, но со повисока камата – појаснува Наумоски.
Според проекциите на централната банка на Македонија, во 2025 година инфлацијата ќе падне блиску до целта и ќе изнесува 2,2 отсто. Но засега е неизвесно како заштитувањето на примарната монетарна цел ќе се одрази и на другите економски индикатори, како што се економскиот раст, вработеноста, потрошувачката кај населението и др. Податоците за индустриското производство покажуваат нестабилни месечни движења, а тоа во јули годинава во однос на јули лани е помало за 1,8 отсто. Кај прометот во трговијата на мало има големи осцилации меѓу номиналниот и реалниот раст. Според податоците на Државниот завод за статистика, пад и кај двете стапки е забележан во групата трговија на мало со храна, пијалаци и тутун, и тоа номинално за 4,2 отсто, а реално за 13 отсто.


Унгарија ја намали каматната стапка

Унгарија ја намали највисоката клучна каматна стапка во Европската Унија за цел процентен поен додека креаторите на политиката се обидуваат да се изборат со најдолгата рецесија во земјата од 1995 година. Централната банка на Унгарија ја намали својата каматна стапка прекуноќ на 14 отсто во вторникот. Овој потег го донесе инструментот што беше направен како клучна стапка во октомври за да го спречи падот на форинтата. Централната банка смета дека очекувањата на пазарот за намалување на стапките во четвртиот квартал се претерани.

Народната банка на Унгарија одлучи да не го менува темпото на нормализација во август. Ја намали стапката на кредитирање прекуноќ со обезбедување (горниот крај на коридорот на каматните стапки) за 100 п.п. на 16,5 отсто. Уште поважно, централната банка објави дека од 30 август каматната стапка на тендерот за брзи депозити прекуноќ ќе се намали на 14 отсто. Ова е ефективно намалување на стапката за 100 п.п. Слична промена ќе има и во тендерската стапка на девизен своп прекуноќ.
Инфлацијата е идентификувана како главен виновник за колапсот на домашната побарувачка и слабата економска активност.   М.Ј.