Фото: Влада

ВМРО-ДПМНЕ до медиумите испрати став од Александар Николоски посочувајќи дека потпретседателот на партијата објавува документи од кои се гледа дека дури 70 отсто странци ќе го градат Коридорот 8, без работни дозволи. СДСМ набргу ги демантираше овие тврдења, повикувајќи се на законот.

– Два дена Владата молчи на новите сознанија поврзани со спорниот договор за автопатите кои ги изнесов во јавност, а се однесуваат на ангажман на дури 70 отсто странски работници и само 30 отсто домашни во изградбата, како и за работа на странци без работни дозволи и дозволи за престој. Затоа денес објавувам два документа кои според свиркачите кои ни ги доставија се дел од спорниот договор за изградба на автопатите. Се работи за план 11 од договорот што се однесува за бројот на работници и план за работа. Во него е дефинирано колку работници ќе работат на автопатот и колку од нив ќе бидат од странство, а колку домашни. Од вкупниот број работници само 30 отсто ќе бидат домашни, а дури 70 отсто странци. Што значи дека 70 отсто од парите што македонските граѓани ќе ги дадат за изградбата на автопатот ќе одат надвор од државата. Наместо да се вработуваат домашни луѓе, Македонија ќе вработува странци – пишува Николоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ ги обвинува Ковачевски и Груби за ширење лаги.

– Притоа Ковачевски и Груби лажат дека најмалку 51 процент ќе бидат домашни работници иако јасно може да се види дека 70 отсто ќе бидат странци. Во вториот документ има два сегменти – точна бројка на странски и домашни работници кои ќе бидат ангажирани по години, како и уривањето на правната држава преку одобрението странци да работат без регулиран престој и почитување на законите. За странец да работи потребно е дозвола за престој и работна виза, само за работниците на автопатиштата на „ Бехтел и Енка“ ова нема да важи, односно тие ќе можат да работат првиот ден откако ќе стапнат на македонско тло, додека ги чекаат соодветните работни дозволи и виза. А тоа значи дека можеби и нема да ги добијат. Затоа што е можно некој што има нечесни работи кон државата од безбедносен аспект, на пример. Истиот да се инфилтрира во државата, да работи шест месеци и по шест месеци, барањето за работна дозвола да му биде одбиено. А, во тие шест месеци можеме само да сонуваме какви безбедносни проблеми тоа лице ќе направи. Ова е уште едно кршење на законите. Да цитирам дел од договорот: Согласно на Посебниот закон член 13 (1), на странските работници вработени во Проектот ќе им биде дозволено да започнат со работа на Проектот по аплицирање запотребните дозволи за престој и работа пред и додека се чека, постапката за издавање на дозволи за престој и работни дозволи да биде одобрена или одбиена. Појасно кршење на закони од ова нема! – тврди Николоски.

ВМРО-ДПМНЕ и познатиот извор на лажни вести, Александар Николоски се фокусирани на интензивно пласирање невистини и спинови околу стратешкиот проект за изградба на коридорите 8 и 10Д, соопшти СДСМ.

– Не навлегуваме за скриените мотиви на Николоски и ВМРО-ДПМНЕ да пласираат невистини за стратешки проект и за реномирана американска компанија. Но Законот е јасен и Законот ги демантира лагите на Александар Николоски – се наведува во партиското соопштение.

Законот за утврдување на јавен интерес за номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридор 10 е донесен во 2021 година, а објавен во Службен весник на 16 јули истата година (број 163). Во член 11, став (3), односно во делот каде се регулира ангажманот за работници од дома и од странство јасно стои обврската стратешкиот партнер да користи најмалку 51% од локални ресурси“ велат од владејачката партија.

Оттаму додаваат дека проекциите со кои се обидува да спинува Николоски, секогаш зависат од расположливите ресурси, но Законот е јасен.

– Тоа значи дека ако нашата земја има доволно локални ресурси односно работна сила, бројот на локално ангажираните ресурси може да биде и поголем од 51%. Во член 13 пак, во став 1 јасно стои дека ангажираните работници мора да имаат потребни дозволи за престој и работа и согласно овој специјален Закон точно е утврдена оваа процедура односно она што стои во Договорот е согласно со законот – порачаа од СДСМ.