Скопските општини ќе формираат комисии за евидентирање и процена на штетите од невремето, преку кои граѓаните ќе можат да ги пријават оштетувањата на своите домови, најави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
По координативниот состанок со градоначалниците на скопските општини и Кризниот штаб, Ѓорѓиевски соопшти дека во соработка со Град Скопје ќе се изврши стручна процена на пријавените штети, по што, согласно законските процедури и расположливите средства, ќе започне постапка за поддршка на граѓаните при санацијата на оштетените станбени објекти.
На состанокот било договорено општинските градежни инспектори, инспекторите за домување и другите надлежни служби да спроведат засилени контроли на објектите со оштетени кровни конструкции. Целта е да се утврдат причините за настанатите оштетувања, имајќи предвид дека за нивното редовно одржување се одговорни куќните совети.
– Сите расположливи капацитети се ставени во функција и заеднички ќе се справиме со последиците од оваа сериозна природна непогода. Градот Скопје располага и со солидарен фонд, во кој се обезбедени средства за обештетување на граѓаните во вакви ситуации – напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Тој им се заблагодари на екипите на јавните претпријатија и на Противпожарната бригада, кои веднаш по невремето ги расчистиле главните сообраќајници, а во текот на ноќта продолжиле со отстранување на паднатите дрвја, гранки и другите пречки од јавните површини.
Според Ѓорѓиевски, орканскиот ветер со удари до 130 километри на час предизвикал значителни штети врз возила, покриви, фасади, електричната мрежа, урбаната опрема и приватниот имот.
Тој порача дека екипите остануваат на терен сè додека не бидат санирани последиците од невремето и не се обезбеди целосна безбедност за граѓаните.
































