Државниот обвинител на Унгарија, Габор Балинт Наѓ, поднесе оставка, соопштувајќи дека функцијата ќе ја напушти на 25 август поради, како што наведе, неприфатливите јавни притисоци врз обвинителството.
Во соопштение испратено до медиумите, Наѓ истакна дека во изминатиот период обвинителството било изложено на бројни напади насочени кон него лично, кои, според него, ги надминале границите на прифатливата професионална и јавна дебата.
-Обвинителството не смее да стане средство за политички пресметки, ниту сцена за секојдневни политички интереси или борба за власт – порача Наѓ, додавајќи дека независноста и авторитетот на правосудството се темел на демократскиот институционален систем.
Оставката ја доставил до привремената претседателка на Унгарија, Агнеш Форштофер, како и до заменичката на претседателот на парламентот, Анико Халер Наѓ, која во моментов ја извршува функцијата претседател на парламентот. Тој предложил неговиот мандат да заврши на 25 август.
Според унгарскиот портал ХВГ (HVG), кој се повикува на изјави на премиерот Петер Маѓар, оставката би можела да биде поврзана со истрагата за заплената на две оклопни возила на „Ошадбанка“ во близина на Будимпешта на 5 март годинава.
Во возилата биле пронајдени 40 милиони американски долари, 35 милиони евра и девет килограми злато, кои, според информациите, биле дел од редовен трансфер меѓу австриската „Рајфајзен банка“ и „Ошадбанка“.
По преземањето на функцијата, премиерот Петер Маѓар нареди истрага за постапувањето на повеќе државни институции поврзани со случајот, меѓу кои Националната даночна и царинска управа и Центарот за борба против тероризмот.

































