И покрај историските хипотеки, Македонците не ги мразат Албанците, Бугарите, Грците и Србите, не се мешаат во нивните внатрешни работи, се разбира се грижат за деловите на македонскиот народ во соседните земји, како што и тие држави се грижат за нивните сонародници во државата Македонија.
Впрочем, големината на една цивилизација е во универзалноста на нејзините вредности. А, универзални вредности на македонската цивилизација се: мирот и љубовта наспроти војната и омразата; толеранцијата и коегзистенцијата наспроти дискриминацијата и сегрегацијата; и културниот глобализам, кој подразбира интеграција со афирмација на помесните етноси, јазици, религии и култури, наспроти корпоративниот глобализам, кој поаѓајќи од профитните интереси на мултинационалните корпорации врши интеграција, но со асимилација на помесните етноси, јазици, религии и култури, сѐ до нивна физичка ликвидација од Земјината топка. Британскиот колонијализам и американскиот империјализам за неколку века – стотици етноси, јазици, религии и култури физички избришаа од планетата Земја. Не случајна е мислата на великанот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев светот како поле за културен натпревар меѓу народите, не само како негова лична импресија туку и како експресија на генетскиот код на една цела цивилизација – на македонската цивилизација!
Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината, ги признаваат соседните нации како политички нации со свои културни идентификации, не се мешаат во историите за нивните корени, меѓутоа отфрлаат грубо мешање на соседните метрополи во внатрешните работи на државата Македонија!
Конечно, Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината, ја признаваат бугарската нација како политичка нација, не се мешаат во нејзините историски корени во Татарстан, Кина и Монголија, меѓутоа отфрлаат грубо мешање на Софија во внатрешните работи на државата Македонија!
Впрочем, заедничка историја Македонија и Бугарија имаат исто толку колку што Македонија има заедничка историја со Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија во поранешна СФР Југославија, но тоа не значи дека Македонците се Словенци, Хрвати, Босанци, Црногорци и Срби. Исто како што Македонците не се ниту Бугари! Тоа што Македонија била дел од Санстефанска Голема Бугарија од 3 март 1878 година до Берлинскиот конгрес од 13 јуни до 13 јули 1878 година, и тоа само еден месец на хартија, не значи дека Македонците биле Бугари.
Москва сакала да излезе на Медитеранот преку Бугарија и Македонија и по Руско-турската војна 1877-1878 година со мировниот договор со Турција во Сан Стефано до Истанбул на 3 март 1878 година ја „креирала“ Голема Бугарија, која никогаш во историјата на постоела, ниту ќе постои. Уште поглупо е тврдењето дека Бугарија значи етнологија, а сѐ друго во светот и на Балканот е географија, демек Бугари од дедо Ное и Адам и Ева. А, самите тврдат дека се дојдени од Татарстан, Кина и Монголија.
И, сѐ додека Софија не се ослободи од оваа фатаморгана наречена Санстефанска Бугарија, како руска инсталација, ќе го дестабилизира Македонскиот Полуостров во целина, бидејќи прославата на 3 март за бугарски национален празник не значи ништо друго освен територијални претензии кон соседните држави!
Впрочем, не случајно Иван Костов, премиер на Бугарија од 1997 до 2001, лидер на СДС, во интервју за бугарскиот весник „Труд“ на 12 ноември 1999 година рече: „За Бугарија, Македонија претставува една неизживеана романса“.
Македонците и Македонија во Втората светска војна беа во антифашистичката коалиција, ама Бугарите и Бугарија беа во оската Берлин-Рим-Токио. Бугарија потпиша договор за капитулација со Југославија во Блед на 1 август 1947 година и беше должна да ѝ плати репарации во износ од 25 милиони долари на Југославија поради окупацијата врз Македонија и 45 милиони долари на Грција! Бугарија учествуваше во депортацијата на 7.144 Евреи од Македонија во концлогорот Треблинка во окупирана Полска. Македонија како рамноправен правен наследник на поранешна СФР Југославија, која беше федерација на шест суверени држави, е членка основач на ООН од 24 октомври 1945 година, додека Бугарија, поради колаборација со наци-фашизмот, стана членка на ООН десет години подоцна, дури на 14 декември 1955 година.
Но, најважното: Во Македонија, Албанија и Косово нема бугарско прашање! Во Македонија, Албанија и Косово етнички Бугари нема! Иако точно е дека без Македонија, Бугарија нема минато и затоа фалсификувањето на македонската како бугарска историја. Софија ниту мисли од таа намера да се откаже, посебно злоупотребувајќи го правото на вето во Европската Унија, како можност да изврши ревизија на историјата на Македонија.
Денес Бугарија повторува дека Македонија мора да ги исполни европските услови – иако во основа тоа се бугарски барања. Впишувањето на Бугарите во Уставот на државата Македонија е „европски консензус“, само поради солидарноста на Брисел со барањата на Софија, која го злоупотреби правото на вето – билатерално прашање што во основа е фашистичко и геноцидно да го наметне како мултилатерално европско барање!
За волја на вистината, Софија своите антимакедонски ставови за Македонија ги декларира во: (1) „рамковната позиција за почеток на преговорите на Македонија и Албанија со Европската Унија“ усвоена од бугарската влада на 9 октомври 2019 година, а потврдена со декларација на Народното собрание на Бугарија на 10 октомври 2019 година, (2) таканаречениот „објаснувачки меморандум“ на Софија до земјите членки на Европската Унија од 16 септември 2020 година и (3) декларацијата на Народното собрание на Бугарија од 24 јуни 2022 година со дополнителните четири услови.
Со декларацијата на Народното собрание на Бугарија од 10 октомври 2019 година, Софија од Македонија бара: (1) да ги признае бугарските корени на македонскиот јазик и историја; (2) да изјави дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик; (3) да се откаже од Македонците во Бугарија; (4) да ги измени учебниците по историја, географија и литература според барањето на Софија; (5) да се откаже од бугарската фашистичка окупација во Втората светска војна; и (6) од сите споменици да ги избрише зборовите „фашистички окупатор“.
Во бугарскиот објаснувачки меморандум од 16 септември 2020, Бугарија тврди дека македонскиот литературен јазик е кодифициран во 1944-1945 врз основа на западните бугарски дијалекти. Се вели дека до 1944 година во Македонија се учело на бугарски јазик и дека „македонски јазик“ не постоел во историјата пред тоа.
На 23 јуни 2022 година, на бриселскиот самит ЕУ-Западен Балкан, на крајот од својот мандат од 1 јануари до 30 јуни 2022 година како претседавач на Европската Унија, францускиот претседател Емануел Макрон понуди платформа за почеток на преговорите меѓу Македонија и Европската Унија. Во својата изјава беше дециден: „Блиску сме до договор што овозможува правда за бугарските барања!“ Македонија не беше ни прашана, затоа што не е членка на Европската Унија! А, бугарските барања за членство на Македонија во Европската Унија во Преговарачката рамка имаат цел: Македонија од држава да стане територија без македонски народ и историја!
И тогашниот македонски премиер Димитар Ковачевски на прес-конференција во Брисел, одржана на 23 јуни 2022 година, оваа француска преговарачка рамка ја прогласи за неприфатлива, но не објасни што од неа не прифаќа?!
Тодор Петров
продолжува

































