- ИОК има цел наскоро да го финализира списокот на спортови во програмата за ЛОИ во Бризбејн за кои Ковентри претходно им кажа на спортските лидери дека ќе бидат помалку од 36-те што се на програмата на ЛОИ 2028
Спортовите и настаните за медали отстранети од програмата на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Бризбејн во 2032 година ќе имаат пат да се вратат на идните ЛОИ, изјави претседателката на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Кирсти Ковентри, пред спортските лидери, пренесе агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
ИОК има цел да го финализира во рок од неколку месеци списокот на спортови во програмата за ЛОИ во Бризбејн за кои Ковентри претходно им кажа на спортските лидери дека ќе бидат помалку од 36-те што се на програмата на ЛОИ во Лос Анџелес во 2028 година.
– Постои пат назад, тоа не е само крај – изјави претседателката на ИОК за АП вчера, на маргините на собранието на летната спортска група позната како АСОИФ. Бризбејн, исто така, би можел да има помалку од 353 настани за медали за кои ќе се натпреваруваат спортистите во Лос Анџелес.
– Знам дека нема сите да бидат среќни, целта не е да се уништи ниту еден спорт – рече Ковентри пред членовите на АСОИФ.
Ковентри, исто така, се сретна со членовите на АСОИФ и ги увери дека „немаме конкретни бројки“ како цели за програмата за спорт и настани за Бризбејн. Најважните метрички форми се бројот на потребни места, бидејќи ИОК се обидува да управува со трошоците за домаќините.
– Трошоците и сложеноста доаѓаат кога ќе почнете да додавате дополнителни места за настани со една намена. Тука треба да погледнеме и да кажеме: „Како можеме да го промениме тоа?“ – изјави Ковентри за „Асошиејтед прес“.
Голем чекор кон поедноставување на програмата за Бризбејн и пошироко е состанокот на полноправното членство на Интернационалниот олимписки комитет на 24 јуни во Лозана, на кој треба да се договори процес за евалуација на спортови и настани, пишува АП. Списокот на спортови за Летните олимписки игри во Бризбејн би можел да биде потврден во септември, со подолг временски рок за потврдување на деталната програма на натпреварите за медали. Н.М.

































