Фото: Маја јаневска Илиева

Со изведување нови докази од страна на обвинителството, денеска продолжи судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката Пулс во Кочани, што избувна на 16 март 2025 година, при што загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, пренесе МИА.

На почетокот на рочиштето, еден од бранителите се осврна на претходно презентираните снимки од безбедносни камери, посочувајќи дека според нивните проценки, во критичниот момент во и околу дискотеката немало повеќе од 500 лица, вклучувајќи полициски службеници и гости надвор од објектот.

Судењето продолжи со презентација на видео снимки, фотографии и документи поврзани со работењето на клубот „Пулс“, како од кобната вечер, така и од претходните години кога објектот функционирал.

Обвинителите посочија дека доказите укажуваат на безбедносно спорни аспекти во работењето на клубот, кој правно бил регистриран како кабаре. Во судницата беа прикажани снимки од 2019 година на кои се гледа користење прскалки и отворен оган меѓу публиката, како и објави на социјални мрежи поврзани со клубот.

Особено внимание предизвика објава на клубот на англиски јазик, во која се споменувале „Пулс“ и оган, а обвинителството побара да се обрне внимание и на димензиите на прскалките што биле користени.

Одбраната реагираше дека слични прскалки може легално да се купат во супермаркети, по што во судницата се отвори дебата дали станува збор за роденденски прскалки или пиротехнички средства.

Несогласувања меѓу обвинителите и бранителите имаше и околу тоа дали од доказите може да се утврди дека објектот функционирал како кабаре, како и околу безбедносните елементи во самиот простор, меѓу кои и една црвена точка на фотографија за која одбраната тврдеше дека означува излез.

Во текот на денот беа презентирани и дополнителни документи поврзани со клубот „Пулс“.

За време на рочиштето била повикана и Итната медицинска помош, откако на еден од обвинетите му се слошило во судницата.

Судскиот процес го води судијката Дијана Груевска-Илиевска.