Фото: Фејсбук/ Гордана Силјановска Давкова

Претседателката Гордана Силјановска-Давкова од Љубљана порача дека Македонија не е против уставни измени, но дека тие не смеат да бидат резултат на надворешни притисоци и билатерални условувања поврзани со идентитетски прашања.

На предавањето на Правниот факултет во Љубљана, на тема „Уставни трансформации на патот кон ЕУ: Реформи или уставен инженеринг?“, таа оцени дека дел од досегашните измени на македонскиот Устав, вклучително и оние произлезени од Охридски рамковен договор и Преспански договор, биле иницирани под силно меѓународно влијание, пренесе МИА.

Според неа, иако по Преспанскиот договор било уверувано дека станува збор за последна отстапка на патот кон Европската Унија, денес повторно се отвора прашањето за уставни измени, овојпат со барањето за внесување на Бугарите во Уставот.

Силјановска-Давкова предложи можен компромис – уставните измени да бидат усвоени, но нивното стапување во сила да се одложи до завршувањето на преговорите со ЕУ. Таа нагласи дека Македонија не се плаши од вето, но дека условувањата треба да се темелат на европските критериуми, а не на прашања поврзани со историјата, јазикот и идентитетот.

Претседателката посочи дека македонскиот Устав и сега гарантира еднакви права за сите граѓани, вклучително и за заедниците што не се експлицитно наведени во него. Воедно ја критикуваше Бугарија, наведувајќи дека таа нема посебни уставни гаранции за малцинствата и дека не ги почитува сите пресуди на Европски суд за човекови права поврзани со правата на Македонците.

Таа оцени дека процесот на пристапување во ЕУ не смее да биде билатерализиран, особено кога станува збор за идентитетски теми.