Вистината погодува како куршум

  • Генералниот секретар на НАТО не кажа ништо погрешно, туку само ги соочи Европејците со очигледната вистина – дека не можат да се грижат сами за сопствената безбедност, односно дека долгонајавуваната „европска армија“ е неостварлива во овие услови. Фактите дефинитивно се на негова страна

Длабоко вкопана во ров, водејќи борби без оружје на повеќе фронтови, во обидот за зачувување на сопствениот опстанок и релевантност, веќе ранетата Европска Унија претрпе уште еден силен удар, овој пат одвнатре, од водечкиот функционер на НАТО, Марк Руте, кој во Европскиот парламент недвосмислено порача дека Европа може само да сонува да се одбрани без САД, истакнувајќи го приматот на Американците во воениот сојуз. Очигледно дека Унијата не сака да се разбуди од таквиот сон, бидејќи одговорот кон поранешниот холандски премиер од европските престолнини беше брз и остар, па, така, најмногу се бунеше Франција, чија влада му порача дека Европејците можат и мораат да бидат одговорни за сопствената безбедност, додека одреден шпански европарламентарец го праша Руте дали тој можеби е американски амбасадор во НАТО.
Но генералниот секретар на Алијансата не кажа ништо погрешно, туку само ги соочи Европејците со очигледната вистина – дека не можат да се грижат сами за сопствената безбедност, односно дека долгонајавуваната „европска армија“ е неостварлива во овие услови. Фактите дефинитивно се на негова страна.
Западноевропските држави, кои најсилно ја заговараат идејата за европски безбедносни сили, тешко би се откажале од одреден дел на својот суверенитет за да се здружат воено и за да ги надминат големите разлики во политичките, стратешките и оперативните цели. Одредени европски држави имаат добро опремени и обучени трупи, но единството меѓу нив е навидум невозможно. Кој би ги координирал сите овие кадри од различни земји во командниот синџир, земајќи ги предвид идеолошките разлики, историските ривалства и недовербата помеѓу европските држави? Како би се соединиле сите различни воени доктрини за да се вклопат во функционални заеднички вооружени сили? Токму затоа аналитичарите што ја коментираат европската политика сметаат и дека носењето заеднички одлуки би било значително отежнато, со што би ја ставило таквата европска воена сила во постојана парализа при процесот на одлучување.
Обидете се да ги замислите под исто знаме, Кипраните како на северот на Европа ги бранат Норвежаните, шведски војници како ги чуваат грчките острови на југот на Европа или, пак, Италијанците како стојат покрај Летонците соочени со надворешна закана.

Познато е дека членките на ЕУ годишно вложуваат над 340 милијарди евра во вооружување и таа сума се зголемува. Амбициите на Европската Унија за зајакнување на воените капацитети, кои сѐ погласно се истакнуваат, јасно се претставени и преку програмата за заеми за одбрана од 150 милијарди евра, наречена САФЕ (Безбедносна акција за Европа), за која интерес првично изразија 18 земји членки на ЕУ, односно главните сојузници на Украина во Европа, кои се подготвени „да позајмат десетици милијарди евра за заедничко купување оружје за земјата што е опфатена со војна, како и за зајакнување на сопствената воена моќ“. Европските лидери од таканаречената „Коалиција на подготвените“ се обидуваат да ги истуркаат и своите планови за поддршка на Украина со мултинационална воена сила доколку земјата успее да постигне мировен договор со Русија, но нејзините членки и тука ветија различен степен на поддршка. Таквите планови се одразени и преку концептот на таканаречената „сила за уверување“ како централен столб на безбедносни гаранции што Европа би ги обезбедила за повоена Украина. Но, исто така е познато и дека членките на ЕУ честопати несоодветно ги трошат парите наменети за воено зајакнување, без потребното меѓусебно усогласување и долгорочно планирање.
Треба да се земе предвид и дека земјите од ЕУ веќе осум децении се залагаат и водат политика на отфрлање воено ангажирање и употреба на сила, заштитени од таканаречениот американски безбедносен чадор, па европските народи што живеат во мирни услови и релативна благосостојба, со сигурност не би биле подготвени да војуваат и да поднесат жртви пролевајќи крв далеку од сопствените домови. Затоа францускиот претседател Емануел Макрон попусто потенцира дека „му е потребна нација што може да се мобилизира“, додека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја повикува Европа да се бори, како што беше случај во нејзиното годишно обраќање.
Изнесената слика за европските воени амбиции всушност прикажува разединетост, бавно и тешко одлучување во Европската Унија, односно немање слух за суштински прашања, што е забележливо деновиве и при односот кон Западен Балкан и професионалните возачи од регионот, за чии проблеми и барања ЕУ треба да покаже поголемо разбирање и флексибилност, откако остави состојбата да се влоши поради што сите трпат последици. Европската армија затоа нека остане само сон додека се решаваат реални проблеми.