Завршија изборите. Едно чудо новинари, аналитичари, политиколози, професори и експерти за сè на социјалните мрежи, ги дадоа своите стручни анализи за изборниот процес и резултатите. Стручната нестручност се распосла низ сите пори и ерогени зони на општеството. Е па, не може да помине без мене. Тогаш, ајде да се скарам со резултатите и импресиите!
Крајно сум разочаран од политичките партии. Два факинг циклуса, а ниту еден член на партија не ми се вмеша во интимноста, нервозата, времето, просторот и други метафизички категории со кои си ја комплицирам стварноста. А бе никој во предизборие не ми заѕвони на врата. Ни-кој! Ни запалка, ни тефтерче, ни пенкалце, ни бутур, никој ништо не ми донесе. Се почувствував како дете на кое Дедо Мраз намерно одлучил оџак да му прескокне.
Сериозен сум. Како писател и страстен пушач, многу им се радувам на тие тефтерчиња, пенкалца и запалки. Секогаш ми доаѓа нешто креативно да начкрабам меѓу две запалени цигари. Ама овие избори, ништо, политичките партии, среде златножолтата дождлива есен, ми ја растажија душата и направија да се чувствувам како небитен број на советничка листа, прв од оние кои не влегува во совет на општина. А најчесто сум дома. Од дома работам. Осум часа секој ден пишувам. И болен татко чувам. Значи поголемиот дел од времето не излегувам. Биваше ли, ама баш никој да не ми дојде со подарок?
Русјаков, да не заборави дека ти е исклучено ѕвончето?
Тоа е вистина. А нема никаква врска со коледе и изборни циклуси, секогаш е исклучено. Ама никој од партиските коледари не ми тропна на врата. Што е тука комплицирано? Ако не ѕвони, тропни. И јас озарен и возбуден, отворам. Подавам насмевка и рака во која го земам партиското торбуле со пропагандни потрепштини. Згора на сè, крајно сум цивилизирано расположен, не гледам кој на која партија, вера, пол и сексуална определба, припаѓа. Сосема ми е неважно дали на запалката пишува Орце, Амар, Каја, Сотир или Стевчо. Битно е да се запали цигарата.
Палам цигара, одиме понатаму. На кампањите веќе истрошив пасуси во една од минатите колумни. Може само да потсетам дека поетот во мене беше малку навреден. Стварно е глупо во сите тие предизборни видеа, рилсови, слогани и пораки, толку многу да ни се мешате во патетика. Патетиката е поле за депресивен натпревар меѓу поетите, а партииве успеаја дури и меланхолијата да ја направат монотонија.
Дебати не гледам. Насилство ме вознемирува.
Иако по секоја факинг дебата ги има оние крајно досадни ликови по социјални мрежи што мораат сè да ни прераскажат, ама ги внесуваат и своите килави импресии, па нивното дрндање по тастатура вообичаено се сведува на: му ја здроби главата, го прегази, му го извади џигерот, го смачка како шлепер, жаба, си ги ископаа очите, му го искрши ‘рбетот. А не дека не сакам акциони филмови, но таму, холивудскиот мајстор смислил рецепт: толку лажици насилство, толку грама бркање со автомобили, зачинувате со убави и згодни жени и наросувате со доза еротика. Како ли ќе изгледаа дебатите ако нашите политички гуруа малку учеа холивудска кујна? Го навежбав да му ја скрши кичмата на противникот, па му држев лекции како да ѝ трепка и да ја залапа водителката.
Следуваат резултати. Тие резултати се претставени со бројки. А бројките никогаш не лажат, освен кога лажат. Значи, завршија избори, јас не сум ДИК, ти не си ДИК, бидејќи ДИК е ДИК како што love is love и тој ДИК ги изнесе резултатите на асталот на логиката, која деновиве одлучи да замине на одмор во непознат правец, на крајно неразумна далечина и среде непристапна дестинација.
Со овие локални избори влеговме во историјата, па оттука, иднината ќе се кикоти кога ќе нè изучува. За првпат во постоењето на светот, галаксијата и црните дупки низ вселената, победниците изгубија, а поразените победија. Или поинаку кажано, ВМРО-ДПМНЕ победувајќи ја изгуби цела Македонија, СДСМ го освои Зрновце, а Левица растури во Њујорк. Оттука, вмроовците панично ќе живеат во апсолутната моќ на поразот, сдсмовците кревајќи се од пепелот ја зачадија цела просторија, оти од пепел најчесто чад се крева, она со пилето е крајно сомнителна работа, а Левица може да заклучи дека Тексас стагнира, Њујорк дуплира, ама па сето тоа му дава можност на оној небањат вмроон Русјаков да се глупира.
А бидејќи на овој начин конечно и ние тргнавме накај иднината, станувајќи научна фантастика, убаво е да се држиме до холивудска нарација. Ако Еди Марфи и Ник Нолти имаа двапати по 48 часа, Орце Орце Ѓорѓиевски самиот се заглави во 72 часа. Се заинаети дека ако победи, ќе го исчисти Скопје за факинг 72 часа, што се покажа како стапица во која си ја стави главата. Уште ДИК не ги објави конечните резултати, почнаа да му одбројуваат, оние најпаметните во светот, галаскијата и црните дупки низ вселената кои патем живеат на социјалните мрежи и оттаму безмилосно досаѓаат. Му одбројуваа и од позиција на праведно вообразена надменост, му се потсмеваа.
И би ден, би ноќ… четврточна. Орце собра механизација од цела држава, па грабна да расчистува. И стапица. Прво одлучи да расчисти со градската интелигенција. Отпушти триста седумдесет и крусур интелектуалци вработени во градот кои земаа плата за да седат дома и да размислуваат.
И така, скаран со мислењето, фати со комунални тенкови и водени топови да се тепа со нечистотијата. Што е крајно проблематично. Со евтин ПР не се чисти ѓубрето бе, друже! Треба да си најдеш посаглам и поскапа маркетинг-агенција. И кај беше да го исчистиш градот пред ѓубрето да биде фрлено? Сега е лесно да се чаталиш со театаров, откако изгуби на изборите.
Затоа апелирам, итно да се врати ѓубрето на улиците, ем затоа што им е потребно на стаорците, кои никогаш не ги видовме, ама беа распостелени насекаде по медиумите и мрежите, ем затоа што тоа им припаѓа и со него смеат да се справуваат само надлежните, оние урбаните, најпаметните, освестените, бањатите, политички (над)независните, кои живеат на социјалните мрежи и оттаму неподносливо му досаѓаат на светот, галаксијата и црните дупки низ вселената. Оти ако им го земеме ѓубрето, она духовното, нордистанско, кое самите го ѓубреа низ земјава помагајќи им на орачите и сејачите од „меѓународната“, но и она материјалното, расфрлано по улиците, со што ќе си ги полнат речениците, арогантната недуховитост и гневот од фрустрациите од фактот дека само они знаат како треба и што е паметно, ама глуп народ, никако да им се допре до генијалноста.

































