Осумнаесет рудари кои беа блокирани во подземна галерија во рудникот „Трепча“, во северниот дел на Косово, излегоа над земја по околу 16 часа поминати под земја.
Според информациите што ги пренесуваат косовските медиуми, рударите биле заглавени поради сериозни технички проблеми во снабдувањето со електрична енергија, односно дефект на главна трафостаница.
Претходно, претседателот на Синдикатот на рударите, Ибрахим Јонизи, изјави дека во рудникот првично биле заглавени 40 луѓе, но 22 од нив успеале да излезат над земјата.
– Одржуваме контакт со нив, но колку повеќе време поминуваат внатре, толку потешка станува ситуацијата. Тие треба да бидат снабдени со храна и вода бидејќи нивните резерви се исцрпуваат – изјави Јонизи додека траеше акцијата за извлекување.
По краткотрајно обновување на напојувањето со електрична енергија, и преостанатите 18 рудари успеале да излезат од рудникот.
Никој од рударите не е повреден, а според првичните информации, нивната здравствена состојба е добра, пренесе МИА.



































